Бразил воведува царини за извоз на нафта и дизел


Бразилската влада воведе царини за извоз на нафта и дизел со цел да се обезбеди снабдување и да се намалат трошоците на земјоделците во услови на зголемување на цените на енергијата на светските пазари.

Кабинетот на претседателот Луиз Инасио Лула да Силва се обидува да го ублажи влијанието на неодамнешното зголемување на цените на нафтата и верува дека оваа одлука ќе ги ограничи цените на горивата на домашниот пазар, особено на дизелот. Бразил воведе царина од 50 проценти за извоз на дизел и 12 проценти за испораки на нафта. Федералните акцизи PIS и Cofins за дизел се намалени на нула.

„Цените на нафтата се надвор од контрола“, рече претседателот Лула на прес-конференција во Бразилија кога беше објавена одлуката.

Порастот на цените на дизелот го загрозува земјоделскиот сектор во Бразил бидејќи ги зголемува трошоците за земјоделците во сезоните на жетва на соја и пченка, кои не можат да се одложат. Државната компанија Петробрас не ги зголеми цените на горивата на домашниот пазар, а Бразил продолжува да покрива дел од својата побарувачка за дизел од увоз. Сепак, дистрибутерите не се склони да го продаваат по цените утврдени од „Петробрас“, стравувајќи дека наскоро би можело да поскапи.

Владата очекува дека поради намалените акцизи, цените на дизелот на бензинските пумпи ќе се намалат за 0,64 реали (околу 10 центи) по литар. Од друга страна, производителите и увозниците ќе можат да сметаат на субвенции, пренесува „Хина“.

Данокот за извоз треба да ја поттикне домашната преработка и да обезбеди снабдување на домашниот пазар, се вели во соопштението на владата, иако во моментов не е јасно колку капацитет за рафинирање има на располагање Бразил за зголемување на производството на дизел. Минатата година, рафинериите на „Петробрас“ работеа со капацитет од околу 91 процент, а компанијата планираше да ја зголеми стапката на искористеност на 95 проценти во првиот квартал.

Нето добивката на компанијата од речиси 2,62 милијарди евра во четвртиот квартал е делумно резултат на рекордниот извоз. Приходите од продажба на меѓународните пазари се зголемија во периодот од октомври до декември за 41,7 проценти во споредба со истиот период во 2024 година и достигнаа 6,86 милијарди евра. На домашниот пазар, пак, се намали за 6,8 проценти, на 13,96 милијарди евра.

Министерот за финансии Фернандо Хадад нагласи дека мерките нема да влијаат на ценовната политика на Петробрас, додавајќи дека тие ќе останат на сила до крајот на годината. Како што рече, владата се надева на брзо решение на конфликтот на Блискиот Исток.