Бранко Црвенковски не го создаде ЗНАМ, ниту го поддржува, тврди Зоран Дамјановски – Циц

Зоран Дамјановски – Циц, долгогодишниот соработник на Бранко Црвенковски, тврди дека поранешниот претседател на СДСМ ниту ја создал ниту ја поддржува партијата ЗНАМ на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Дамјановски беше три мандати градоначалник на Куманово и според неговото кажување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, тој има регуларни средби со Црвенковски (неколку пати годишно).
„Не е точно дека Црвенковски стои зад ЗНАМ. Таа перцепција е поради Горан Минчев, негов близок пријател, кој отиде во ЗНАМ од нему познати лукративни причини“, вели Дамјановски.
Според неговите зборови, Црвенковски бил против создавање фракции или правење на „партиички од незадоволници“, кои на матичната партија ѝ прават штета и служат само како мост за привлекување гласачи од македонскиот електорат и му помагаат на политичкиот противник. Како што тоа беше случајот со НСДП во 2006, која помогна Никола Груевски да дојде на власт.
Дамјановски зборуваше дека поранешниот лидер Зоран Заев ѝ нанесол повеќе штета отколку корист на партијата и рече дека верува во Венко Филипче и дека тој има капацитет да го води СДСМ. Тој рече дека Заев без да му објасни го отфрлил од партијата и наместо да го кандидира за четврти мандат шансата му ја укажал на Максим Димитриевски, кој потоа со ЗНАМ ги одземаше членовите на СДСМ.
Тој отворено кажа дека бил „фан“ на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски, велејќи дека има големи шанси да ги добие изборите. Особено поради тоа што анкетите покажувале оти 58 отсто од граѓаните на Куманово биоле незадоволни од работата на Димитриевски. Според неговата оценка, доколку ВМРО-ДПМНЕ одело со свој кандидат за градоначалник тие ќе го добиеле Куманово, затоа што на ланските избори во градот партијата освои 15.000 гласови.
Дамјановски нагласи дека Максим Димитриевски за осум години како градоначалник немал направено ниту еден капитален проект за Куманово, што е недозволиво.