Бранко Црвенковски има идеја како да се дојде до фондовите и пазарот на ЕУ

Поранешниот претседател денеска изјави дека ЕУ нема јасен план што ќе прави самата со себе, а не пак со Западен Балкан и „повторува исти мантри“


Покрај Берлински процес, Отворен Балкан Црвенковски предлага уште една регионална иницијатива

 

Поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски денеска во Скопје изјави дека процесот на интегрирање на нашата земја во ЕУ не треба да се сведува само на проблемот со Бугарија, туку дека нашите политики во однос на евроинтеграциите мора да го имаат предвид и поширокиот контекст, а тоа е дека интеграциите на целиот регион се во застој. Црвенковски се заложи во рамките на постојните иницијативи Отворен Балкан, Берлинскиот процес или некоја нова иницијатива на земјите од регионот да им се овозможи пристап до европскиот пазар и до европските фондови, како меѓучекор до полноправното членство во ЕУ. Тој потенцира дека идејата не е никаква алтернатива или замена на полноправното членство во ЕУ, туку би бил еден меѓу чекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таквата цел.

„Фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали исчекори“, рече Црвенковски додавајќи дека според него, барем во овој момент не постои простор за некаков поголем оптимизам, ниту за наредниве неколку години.

„Во Европската унија, посебно кај т.н. ‘стари’ и највлијателни членки, сѐ повеќе се зајакнува следниот став: ‘прво реформа на Унијата, па дури потоа ново проширување’. Но, заокружен концепт за тоа каква реформа, на кој начин и во кој временски период ќе се спроведе, сѐ уште не е промовиран“, истакна Црвенковски.

Зборувајќи денес на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската унија?”, Црвенковски рече дека поради наметнувањето од Франција на потребата од нова методологија за пристапување кон ЕУ, во 2019 година кога немаше бугарско вето, нашата земја не доби датум за преговори.

„И што е резултатот од новата методологија? Во овие три години ниту Србија, ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив значаен чекор напред во процесот на преговорите. Со други зборови, од различни причини за различни држави процесот на евроинтегрирање на целиот регион или стои во место или бележи симболичен напредок“, рече Црвенковски.

Како што нагласи дека постои недостиг на јасна стратегија за проширување иако „постојано слушаме едни те исти мантри“, односно дека ЕУ постојано порачува дека останува политиката на „отворени врати”, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во Унијата е единствената опција за која не постои алтернатива.

„Во такви услови би сакал да промовирам идеја за иницијатива која на земјите од Западниот Балкан ќе им овозможи пристап до заедничкиот европски пазар и пристап до европските фондови“, рече Црвенковски, посочувајќи дека амбиентот и во ЕУ, но и во земјите кандидати за членство „не остава голем простор да се надеваме дека процесот на евроинтеграција ќе добие некоја забрзана динамика, барам не на краток и среден рок“.

Според него Европската унија нема јасен и консензуално усогласен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западниот Балкан.

Во основа, како што посочи Црвенковски, за реализација на ваквата иницијатива би можела да се искористи веќе постојната Европска економска област, со што им се овозможува на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ иако не се членки на Унијата.

„Да се потсетиме оваа организација е основана на 1 јануари 1994 година врз основа на договорот меѓу земјите членки на ЕФТА и во тоа време Европската заедница, денес ЕУ“, рече Црвенковски, додавајќи дека членството во ЕЕА не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ, за што го посочи примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995 како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ.

Втора можна варијанта, како што додаде, и со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕО, а истовремено би се овозможил и пристап до европските фондови, е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан со кој истовремено би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.

Црвенковски смета дека со прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство, а Европската унија од друга страна, би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и анти европски влијанија.

Зборувајќи во текот на дебатата, Црвенковски појасни дека ЕУ всушност се плаши од навлегување на кинескиот капитал во земјите во регионот и на таков начин ширење на кинеското влијание, како и на руското влијание во политиката и во сферата на безбедноста.

Тој е свесен дека, имајќи ги  предвид отпорите кај некои земји кон Отворен Балкан, нема гаранција дека сите земји од регионот ќе се согласат и ќе застанат зад една ваква идеја, ниту пак, ако такво нешто се постигне, дека ЕУ ќе ја прифати и ќе дојде до нејзина реализација.

„Но, ако не се обидеме никогаш нема да дознаеме каков би бил исходот. На крајот на краиштата нема што да изгубиме“, рече Црвенковски, додавајќи дека ЕУ сигурно не би разгледувала иницијатива која би дошла од било која поединечна земја, но шансите се зголемуваат ако преку Берлинскиот процес, Отворен Балкан или некоја нова форма на регионална соработка и комуникација се дефинира и се усогласи заедничка иницијатива и со неа да се настапи пред ЕУ.

На таков начин, како што посочи ќе се даде нов квалитет и нова динамика на интеграцијата и ќе се направи исчекор од сегашната статус кво ситуација.

Со други зборови, како што додаде, земјите кандидатки за членство да и помогнат на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на негово интегрирање.

Во однос на состојбите во регионот тој оцени дека „таму каде што бевме лани се наоѓаме и денес“, без видлив и сериозен напредок.

„И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот. Единствен исклучок можеби е Албанија, за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога ќе се случи тоа“, рече Црвенковски.

Црвенковски рече дека за него се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4, 5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување.

„Можеби грешам, но гледајќи ја поделеноста во Унијата и колку тешко доаѓаат до единствен став во однос на битни прашања поврзани со војната, како на пример санкциите кон Русија, воената помош за Украина, начините како да се справат со енергетската и економската криза како последица од војната, се плашам дека тоа ќе го зголеми скептицизмот, а не ентузијазмот за проширување на Унијата“, рече Црвенковски додавајќи дека истражувањата на јавното мислење во повеќе земји членки на ЕУ го потврдуваат таквото расположение, а за политичарите, посебно пред избори, анкетите и расположението на граѓаните имаат клучно влијание.

Од друга страна, како што нагласи, предолгото чекање, даваните, а неисполнети ветувања од страна на ЕУ кон земјите од регионот, поставувањето на услови и уцени, кои се косат со основните европски вредности како што е случајот со Македонија, доведоа и до намалување на поддршката на интеграцијата во ЕУ и во земјите од регионот, што го покажуваат и истражувања на јавното мислење кај нас.

Според него, во вакви околности пред нас имаме избор помеѓу две опции: првата е да останеме пасивни, да чекаме и да се надеваме на некакво чудо, на некаков радикален пресврт кој ќе го забрза процесот, или да бидеме иницијативни да даваме идеи кои ќе значат исчекор и ќе овозможат одредена интегрираност и пред полноправното членство во ЕУ.

На крајот, тој апелираше политичките фактори во земјава да не ѝ стават партиски печат на иницијативата и да ја внесат во нивните дневно-политички конфронтации.

„Не случајно се решив да ја промовирам токму тука пред Советот на амбасадори. Пред луѓе со големо животно и дипломатско искуство. Но, и со различни политички припадности“, рече Црвенковски.