Борисов заплашува: Или јас ќе владеам, или ќе има криза
Лидерот на првата политичка сила во Бугарија, ГЕРБ, и премиер во оставка Бојко Борисов е убеден дека неговите политички противници во Парламентот не можат да носат одговорни одлуки, дека се плашат да ја преземат одговорноста за владата и со својата неизвесност ќе ја одведат земјата кон нови кризи во различни сфери.
„Ќе видите дека сега кредитните агенции ќе почнат да летаат надолу, каматните стапки на заемите ќе растат и нема да влеземе во еврозоната, па горко ќе жалиме за сето ова“, предупреди Борисов, споменувајќи ги банкротираните банки во минатото.
„Ние ве спасивме од грчката криза, од мигрантската криза, од пандемијата“, рече тој за, како што смета, успесите на неговото скоро 10-годишно владеење.
Според Борисов, целта на новите партии во Парламентот е да предизвикаат низа избори, така што привремената влада назначена од претседателот ќе трае до претседателските избори наесен.
Тој сепак се потпира на инстинктот на бугарскиот народ, кој не ја сакаше диктатурата и едноумното владеење, додека владеењето на ГЕРБ не било такво, за разлика од службениот кабинет што ќе го предложи претседателот.
„Кога бевме арогантни и не управувавме како што треба, бугарскиот народ нè притискаше, но видоа дека се подобруваме и ни ја дадоа оваа шанса. Бугарскиот народ е мудар, слуша и чита и ќе започне да ги поставува истите прашања и ќе сфати дека дури и Тодор Живков немаше претседател, премиер и Централна изборна комисија кога учествуваше на изборите, а Румен Радев има. Бугаринот не сака диктатура и едноумие. Бугарскиот народ рече: први сте, владеете, а можна опозиција ќе ве држи на штрек“, ги толкуваше Борисов резултатите од изборите.
Бугарскиот претседател Румен Радев планира на 5 мај да ги слушне ставовите на партиите и коалициите претставени во Парламентот и нивните предлози за нов состав на Централната изборна комисија на земјата. Борисов смета дека откако Националното собрание утврдило дека ЦИК се именува од претседателот, тој не ја определил методологијата со која тоа ќе се направи.Тој истакна дека целта била Централната изборна комисија на Бугарија да се даде во рацете на претседателот.