Бојко Борисов бара оставка од Александар Николоски
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, бара оставка од вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски кој ги нарече Бугарите „нецивилизирани“ и изјави дека Македонија и Бугарија немаат заедничка историја.
„Ако не го сторат тоа, ниту претседателот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се видат или да разговараат со нив (членовите на македонската влада). Очигледно не треба да се остваруваат пријателски средби со овие луѓе, дури и поврзани со операта, надвор од официјалните“, посочил Борисов.
Борисов истакнал дека ГЕРБ ќе направи сѐ што е потребно за Европската народна партија (ЕПП) „да биде информирана за искажаните зборови“.
Изјавата на Николоски беше главна тема вчера во бугарскиот парламент, а тамошните политичари побараа бугарското МНР да ја отповика македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска.
Изјавата на Николоски, еден ден пред премиерот Христијан Мицкоски да оди во Брисел и да бара поддршка за отстапки од Бугарија околу преговарачката рамка, како што се очекуваше и како што веројатно и беше целта – покрена лавина реакции во Софија.
Според Лена Бориславова од екс-кабинетот на Кирил Петков, Република Северна Македонија се оттргнува од европскиот пат поради внатрешно-политички причини.
„Она што можеме да го коментираме за случајот со Северна Македонија е дека јазикот што го користат е неприфатлив. Ние сме на мислење дека договорот што е склучен врз основа на францускиот предлог е доволно добар и се виде дека и покрај критиките издржавме во тој момент, целосно политички мотивирани. Во моментов интересите на Бугарија се заштитени, но колегите од Северна Македонија од внатрешно-политички причини го оттргнуваат својот народ од европскиот пат“, рече таа.
Лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, скандалот со исчезнатото македонско знаме од средбата меѓу претседателот Румен Радев и Гордана Силјановска го нарече „вештачки“, а изјавите на Александар Николоски ги оцени како провокација.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека ги известиле партнерите за неиспровоцираните провокации од функционери на Северна Македонија, чија цел е да се наруши дијалогот.
Изјавата на Николоски кореспондира и со претстојните парламентарни избори во Бугарија по кои сите се надеваат дека ќе има можност да се формира стабилна политичка влада, така што не е исклучено оваа намерна провокација на Николоски да е насочена кон билдање на рејтингот на ГЕРБ и националистичките партии во таа земја.