Борел се сретна со Муцунски: Добрососедските односи мора да бидат приоритет


 

Сакаме да ја видиме Северна Македонија како напредува во процесот на пристапување во Европската Унија, објави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на Икс информирајќи за негова средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон. 

„Среќен сум е што се сретнав со новиот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Северна Македонија е наш силен сојузник. Добрососедските односи и регионалната соработка мора да останат приоритет за земјата. Сакаме да ја видиме Северна Македонија како напредува во процесот на пристапување во ЕУ“, наведе Борел во објавата. 

Во соопштението на МНР се наведува дека Муцунски за време на разговорот истакнал дека земјата останува силно посветена на евроинтегративниот процес, особено во делот на исполнување на условите и имплементација на реформите. Притоа, ја нагласил потребата од забрзана интеграција со учество во повеќе конфигурации на Советот на ЕУ, зголемена помош или прогресивен влез во политиките и придобивките резервирани за земјите членки. Во тој контекст, беше поздравен и Планот за раст на ЕУ и нашата посветеност на Реформската агенда, што е значајно за стабилноста и просперитетот на нашите граѓани и земјите од регионот.

„Нашето членство во Европската Унија останува најважен приоритет на новата влада. Потребно е земјите од Западен Балкан да покажат проактивност во делот на исполнување на реформите, додека ЕУ треба да ги потврди заложбите и подготвеноста за прием на нови земји членки. Зачувувањето на кредибилитетот на процесот на проширувањето е од клучно значење, а во моментот неопходна е постепена интеграција пред формално членство во Унијата“, истакнал Муцунски.