Болшој театарот нападнат од корона вирусот


Десетици вработени во познатиот московски театар „Болшој“ имаа позитивен тест на коронавирусот и се ставени во карантин дома, изјави директорот на театарот Владимир Урин.

-Сите 34 заразени вработени во Болшој беа асимптоматски, но им беше забрането да учествуваат во концертот што се одржуваше во празна сала, но се емитуваше во живо на државната телевизија во саботата, рече Урин.

Тој тврди дека ниту еден од „неколкуте стотици“ други кои биле вклучени во организирањето на концертот на Болшој театарот не се покажал како позитивен.

-Без исклучок, целиот персонал на театарот, вклучувајќи ги чуварите и инженерите, беше тестиран за коронавирус два дена пред концертот , рече Урин за  државната новинска агенција ТАСС.

-Триесет и четири лица беа позитивни на коронавирус. Немаа треска или јасни знаци на болест, но сите прекинаа со работата и беа испратени во карантин , рече Урин.

Урин претходно ги процени дневните загуби на театарот „Болшој“ од неговото затворање на 114,000 американски долари на ден и предупреди дека легендарниот театар е во опасност да се затвори ако Москва остане во парализа до септември.

Москва стана епицентарот на  Ковид-19, со 11.513 од вкупно 18.328 пријавени случаи од понеделникот во Русија.

Повеќе од 6.000 пациенти со коронавирус со благи симптоми примаат третман дома во Москва. Од Министерството за здравство велат дека извршиле 315.000 тестови за коронавирус за два и пол месеци.