Богдановиќ ги правда парите од казната за „Лимак“
По обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека Општина Центар, месечно добива 80.000 евра од „Лимак“ заради пробиени рокови за изградба на подземна сообраќајница, а никој не знае кае се тие пари, градоначалникот Саша Богдановиќ појаснува дека конечно успеал да ги земат тие пари, но дека се уште не смеат да г трошат.
„Ѝ благодарам на Антоанета Трајковска што ги потсети граѓаните, но и нејзините сопартијци од ВМРО – ДПМНЕ, дека јас како градоначалник на Општина Центар, заедно со администрацијата и советниците, успеавме на правен начин да ги вратиме парите на граѓаните во буџетот на Општина Центар, кои порано завршуваа во туѓи буџети и се трошеа за изградба на споменици, музеи и лична корист“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Информира дека Општина Центар врши наплата на казна по основ на договор за отуѓување на градежно земјиште кон правното лице „Лимак“ Доо Скопје, бидејќи истото задоцнило со испочитување на договорните обврски од договорот за отуѓување на градежно земјиште во предвидениот рок.
– Како што се наведува во изјавата од страна на Трајковска, не станува збор за сообраќајница, туку за два објекти, односно деловниот простот и хотелот на компанијата Лимак Доо Скопје. Од страна на Општина Центар, утврдено е дека Министерството за транспорт и врски не извршило наплата на договорните казни за едниот објект – хотел, при што, по преземање на предметите од страна на Општина Центар, општината успева да го наплати долгот во износ од 7.542.900,00 денари
Би сакале да потенцираме дека наплата на договорот на казна се однесува на период кога Министерството за транспорт и врски, требало и било должно да наплати, но тоа не го сторило. Што се однесува до трошењето на тие средства, Општина Центар не може да ги троши наплатените средства од договорот на казна, се’ додека Народната банка на РСМ/Трезор, не ги распредели средствата согласно Закон. Дури тогаш, Општина Центар смее да ги користи средствата, токму за се’ што е наведено во видео изјавата на Антоанета Трајковска од ВМРО – ДПМНЕ – вели Богдановиќ.
Потсетува дека Општина Центар е единствената општина која не должи средства и редовно ги сервисира своите обврски и должности. Во буџетот на Општина Центар вратени се средства во износ од 2,5 милиони евра, по основ на договорни казни, банкарски гаранции и пресуди.
Вели дека дополнително се водат судски спорови во износ од над 3.5 милиони евра кои преку правни механизми ќе бидат вратени на граѓаните и ќе бидат инвестирани во нови капиталани проекти во Центар.