Блинкен допатува во Скопје, прво се сретна со Ковачевски, па со Османи

Државниот секретар ѝ искажа голема благодарност на Македонија. Нема речиси никакви шанси Блинкен да се сретне со Лавров, бидејќи Американецот доцна вечерва заминува за Блискиот Исток


 

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен попладнево допатува во Скопје на Министерски совет на ОБСЕ, кој треба да биде врв на претседавањето на Македонија со оваа паневропска безбедносна организација.

Блинкен, кој во Скопје, допатува од министерскиот состанок на НАТО во Брисел, прво замина на средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски, а потоа отисе во МНР каде што со министерот Бујар Османи, имаше средба на пошироките делегации на двете земји. По двете средби Блинкен замина во хотелот „Александар палас“ каде што има официјална вечера за учесниците кои веќе допатуваа во Скопје. Министерскиот совет официјално почнува од утре.

„На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи“, објави Ковачевски на Фејсбук.

Во објавата се додава дека Македонија е високо ценета како НАТО сојузник и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан.

 

„Државниот секретар го поздрави нашето успешно претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата“, нагласува Ковачевски.

На средбата во МНР, во делот што беше отворен за медиумите, Блинкен изјави:

„Прекрасно е да се биде тука, прекрасно е да се биде во Северна Македонија, прекрасно е да се биде со сите наши колеги доаѓајќи од НАТО тоа е соодветно бидејќи Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и сите наши сојузници во НАТО. Секој ден го гледаме тоа. Јас морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во како што и самите рековте многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки.

Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта би ја преземе палката. Имаме стратешко партнерство кое навистина е фокусирано на работата која ја вршиме заедно како сојузници и партнери но исто така и работата која што заеднички  ја вршиме на билатерално ниво. Како што знаете ние силно ја поддржуваме вашата евроатланска интеграција, ја поддржуваме работата за зајакнување на вашите демократски институции, силно го поддржуваме работата која што ја вршите за поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко што ќе има големо влијание, во сето ова вие можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум јас тука оваа вечер не само за ОБСЕ туку и за Северна Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме“.

 

Несомнено, Блинкен е најважниот гостин во Скопје за министерскиот самит. Но исто така важно е што рускиот министер за надворешни работи ќе дојде во Македонија, што е прва посета на една европска земја по рагресијата на Москва на Украина (со исклучок на неговото патување во истанбул, Турција).

Големи неизвесности има дали Блинкен и Лавров ќе се сретнат, што ваквата средба би го ставила во Скопје во центарот на светската дипломатијаи глобалните односи. Според информациите, Лавров треба да допатува во Скопје доцна вечерва.

Виш функционер на Стејт департментот денеска изјави за Гласот на Америка изјави дека не очекува Блинкен да има каква било средба со Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Македонија. Тоа ќе биде и речиси невозможно затоа што Блинкен, според најавите, во текот на ноќта ќе отпатува во уште една посета на Блискиот Исток, каде што сега во сила е хуманитарното примирје меѓу Израел и Хамас, додека трае ослободувањето на заложниците.