Блинкен има информации за коруптивни дејства на Јакимовски, соопшти Стејт департментот


 

Стевчо Јакимовски ја злоупотребил својата јавна функција со мешање во јавните процеси, кои се однесуваат, меѓу другото, на јавни набавки и урбанистичко планирање, за лична корист и во корист на неговите соработници, изјавија за Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот, на барањето да ја искоментираат изјавата на Јакимовски оти одлуката на САД да го стават на црна листа е „мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата“.

„Делот 7031(c) предвидува дека функционерите на странски влади за кои државниот секретар има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, не се подобни за влез во САД“, изјавија од Стејт департментот.

САД вчера ги санкционираа градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат Јакимовски, како и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, заедно со членови на нивните потесни семејства, за вклученост во коруптивни дела, поткопување на владеење на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

Ним им е забранет влез во САД.

„Акциите како овие се во согласност со приоритетот на администрацијата за борба против корупцијата на глобално ниво“.

САД најавија дека ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права во Северна Македонија и Западен Балкан како целина.

Стевчо Јакимовски денеска поднесе кривична пријава против непознат сторител во обвинителствот за гонење корупција и организиран криминал.