Благодарение на роверот „Презерванс“ научниците дознаа дека звукот на Марс поспоро се движи
Роверот „Презерванс“ кој се наоѓа на Марс, ѝ помогна на научниците во НАСА да откријат дека звукот на Црвената планета поспоро патува.
Откако слета на Марс пред шпвеќе од една година, роверот „Презерванс“ ги користи своите микрофони за да ги снима звуците на Црвената планета меѓу кои силните ветришта и звукот на хеликоптерот „Ingenuity“ кој лета во атмосферата. Меѓутоа, сега тие снимки помогнаа научниците да откријат дека звукот поинаку патува на Марс во однос на Земјата.
Во истражувањето објавено во магазинот „Нејчр“ научниците наведуваат дека забележале оти ретката атмосфера од јаглероден диоксид на Црвената планета влијае на звукот кој патува поспоро, додека висината на звукот дополнително влијае на неговата брзина. На Земјата вообичаено звукот патува со брзина од 1.235 км/ч. Но, научниците утврдиле дека ниските тонови на Црвената планета се движат со брзина од околу 864 км/ч, а високите со 900 км/ч.
Кога човек би го посетил Марс, високите тонови би ги чул нешто порано.
„На Земјата звукот патува со иста брзина, без оглед дали станува збор за ниски или високи тонови. Но, на марс, ако сте подалеку од изворот , ќе дојде до големо доцнење“, вели водечкиот автор на истражувањето Силвестре Маурис.
Звуците, исто така, се пренесуваат на пократка оддалеченост на марс поради ретката атмосфера. На Земјата тие опаѓаат по 65 метри, а на Марс само по 4 метри. Тоа би го отежнало разговорот меѓу лица оддалечени само пет метри.
За оние кои сакаат да слушнат како би се слушал звукот на птиците или на океанот на Марс, НАСА креираа снимка која демонстрира како атмосферата на Марс ќе ја промени нашата перцепција за светот.