Бивша манекенка: Трамп сексуално ме нападна – нѐ запозна Епстин


Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за сексуална злоупотреба на манекенка што ја запознал преку Џефри Епстин во 1990-тите, откри Guardian.

Според весникот, овој наводен напад се случил во Trump Tower во Њујорк на почетокот на 1993 година, а Стејси Вилијамс вели дека отишла кај републиканскиот милијардер на покана на американскиот финансиер Џефри Епстин.

Кога пристигнала, Доналд Трамп наводно ја повлекол кон себе, допирајќи ги нејзините гради, како и половината и долниот дел. Таа, исто така, рече дека била „многу вознемирена“ и тврди дека тогаш мислела дека го видела Доналд Трамп како се смешка со Џефри Епстин.

Епстин, финансиер со моќни економски и политички мрежи во САД и во странство, самиот беше обвинет за сексуално злоставување и силување девојки и жени, но неговото самоубиство со бесење во затвор во Њујорк во август 2019 година ја задуши јавната акција против него.

„Се чувствував одвратно“
Вилијамс вели дека во 1993 година Трамп на нејзиниот агент му испратил разгледница преку курир и дека разгледницата покажувала глетка на Мар-а-Лаго, неговата резиденција и одморалиште во Палм Бич. Таа им ја покажа разгледницата на новинарите на Guardian. Рачно напишано на задната страна од разгледницата: „Стејси – твојот дом далеку од дома. Со љубов, Доналд“.

Вилијамс рече дека таа и Епстин заминале од Trump Tower по наводниот инцидент и дека почнала да чувствува дека Епстин ѝ е лут.

„Јас и Џефри заминавме, тој не ме погледна, ниту ми зборуваше, а почувствував како тлее од лутина. Ме искара на улица и ме праша: ‘Зошто му дозволи да го направи тоа?’ Се чувствував одвратно и бев целосно збунета“, изјави таа.

Таа и Епстин набрзо раскинале. Вилијамс вели дека не знаела ништо за неговата шема на сексуална злоупотреба, која подоцна била откриена. Епстин сега се смета за еден од најлошите и најпознатите педофили во модерната историја.

„Помислата тоа чудовиште да се врати во Белата куќа е мојот најлош кошмар“
Според Guardian, Стејси Вилијамс (56) го открила ова за време на онлајн разговор со групата наречена Survivors for Kamala (Преживеани за Камала), која се опишува себеси како коалиција на преживеани од сексуален напад и го поддржува демократскиот кандидат на изборите.

„Помислата тоа чудовиште да се врати во Белата куќа е мојот најлош кошмар“, рече Вилијамс, која тврди дека се чувствувала понижено по наводниот напад, верувајќи дека била жртва на „болна игра“ меѓу поранешниот американски претседател и Епстин.

Посочи дека неколку месеци подоцна ја добила разгледницата потпишана од Доналд Трамп. Во 2023 година, поротата во Њујорк го прогласи поранешниот претседател одговорен за „сексуален напад“ врз поранешната новинарка Е. Џин Керол во 1996 година.

„Намерно останав анонимна“
Запрашана дали размислувала да се огласи во минатото, како што и други жени се појавија со обвинувања против Трамп, Вилијамс рече дека сака да го избегне негативното внимание или да ги ризикува реакциите со кои се соочиле многу други преживеани.

„Ја напуштив работата. Исчезнав намерно затоа што сакам да бидам анонимна и ми се допаѓа мојот живот како обичен граѓанин. Потоа гледав што се случи со жените кои излегоа во јавноста со своите сведоштва. Тие трпеа ужасни навреди. Помислата да го направам тоа , особено како мајка, едноставно не беше можно“, изјави таа за Guardian.

Каролин Левит, прес-секретарот на кампањата на Доналд Трамп, издаде соопштение во кое ги негира наводите.

„Овие наводи, изнесени од поранешна активистка на Барак Обама и објавени на покана на кампањата на Камала Харис две недели пред изборите, се недвосмислено лажни. Очигледно е дека оваа лажна приказна е измислена од Харис и нејзиниот изборен штаб“, рече Левит.