Битолскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Пинокио“
Ансамблот на НУ Народен театар Битола вечер премиерно ќе ја изведе претставата за деца „Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски. Насловниот лик ќе го игра актерот Никола Стефанов.
Новиот проект на битолскиот театар се поставува на матичната сцена по пауза од 30 години. Во 1996 година во Битола првпат се играше „Пинокио“, во која главната улога ја толкуваше актерката Валентина Грамосли.
-Пред 30 години ја толкував улогата на Пинокио, а сега повторно ќе настапам, но во улогата на штурецот. Пред 30 години бев една наивна кукла којашто оживува и е втурната во животот, а сега како штурец ќе ја водам таа кукла. Навистина тешко е да се биде совест на една дрвена кукла, тешко е да се биде совест на едно дете кое не е расипано, напротив тоа е многу чисто и така влегува во животот. Сакам да порачам дека доколку секој од нас во животот има еден штурец што ќе биде негова свест, мислам дека животот и светот ќе биде многу подобар, истака актерката Грамосли во пресрет на вечерашната премиера во Битола.
Триесет години подоцна, улогата на Пинокио ќе ја одигра актерот Никола Стефанов кој смета дека улогата ќе остави длабока трага во неговиот актерски живот.
-За мене Пинокио не е кукла која станува момче, туку е совест која станува гласна. Мислам дека преку Пинокио децата ќе добијат многу пораки, но и забавна и поучна претстава, која ќе биде интересна за млади и за стари, нагласи меѓудругото актерот Стефанов.
Вечер на големата сцена на НУ Народен театар Битола ќе настапат и Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски, како и деца од театарската школа „Бабец“.
Од НУ Народен театар Битола нагласија дека претставата „Пинокио“ е за публика од 7 до 77 години.