Битолскиот и Прилепскиот театар со „Црно семе“ и„Црнила“ гостуваат во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.
„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.
Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.
Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.
Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.
„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Билетите за изведбата се веќе пуштени во продажба и се достапни онлајн, како и на билетарницата во Македонскиот народен театар.

На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.
Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.
Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Билетите за изведбата веќе се пуштени во продажба и се достапни онлајн, како и на билетарницата во МНТ.