Битолската гимназија слави голем јубилеј – 80 години настава на македонски јазик
БИТОЛА – Со низа свечености битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ ќе го одбележи големиот јубилеј 80 години настава на современ македонски јазик. Одбележувањето ќе биде проследено со низа настани од 3 до 6 февруари, со изложби, награден литературен конкурс, авторска ликовна изложба на талентираната ученичката Андреа Ресановиќ, два уметничко-документарни филмови, свечена академија.
„Славиме 80 години настава на современ македонски јазик. На 6 февруари 1945 година во просториите на гимназијата за прв пат одекна современиот македонскиот збор во образовниот процес. Чин кој значел повеќе од настава. Тогашниот директор на еден свечен чин ја официјализираше наставата на современ македонски јазик со стиховите на Константин Миладинов“, изјави Лидија Споа, директор на гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола.
Свечената академија е насловена како „Експериментум Македоникум“, на која ќе биде испратена пораката дека нашата литературна историја е дел од светската литературна историја, и дека преку поезијата нашиот литературен и национален идентитет најбрзо влезе во идентитетот на народите на светот. Во претставата искористена е поезијата на Блаже Коневски, Радован Павловски, Анте Поповски.
„Нашата цел беше да покажеме дека овој народ, според максимата на Кочо Рацин е со свој идентитет, и тој македонски народ кој го носи тој дамнешен идентитет не треба постојано да се бори за него, туку да го покаже преку творечкиот чин. Така ја испраќаме онаа наша порака дека ние сме рамноправни граѓани на светот. Од таму ‘Експериментум Македоникум’ нагласува дека низ историјата можеби се правеле парадокси и неправди кон нашиот народ во обидот да се наметне друг идентитет, меѓутоа ние веќе 80 години живееме со потврден идентитет, со јасна цел дека ние сме граѓани на светот и треба да ги задржиме своите луѓе на сопственото тло“, рече Даниела Петровска, професор по македонски јазик и литература со триесет години работа во гимназијата.
На 5 февруари ќе бидат прикажани два уметничко документарни филмови – „Неговиот глас“ по менторство на професорот Никола Трајковски и „Прекршени времиња“ по менторство на професорката Софија Бејковска и двата изработени од ученици од Гимназијата.
„Учениците од прво 6 за прв пат подготвија проект со цел да се прикаже минатото и сегашноста и борбата за македонскиот идентитет и национална свест. Филмот е насловен ‘Прекршени времиња’, таквата е сликата која што ја оставаме денес за македонската национална свест и македонскиот јазик. Децата изненадија со нивната креативност“, изјави професорката Бејковска.
Во филмот – „Неговиот глас“ зборуваат двајцата академици, поранешни ученици во Горната гимназија, Владо Камбовски и Живко Попов, како и интервјуа на познати лекари, професори, актери… кои учеле во гимназијата.
„Овој филм е своевидно патување низ времето, прераскажува приказни од минатото, на академици, професори од гимназијата, на значајни личности во општеството кои ја поминале младоста во гимназијата и ги раскажуваат своите искуства, спомените од средношколски денови. Актери во филмот се доајенот на битолското глумиште Борис Чоревски и нашиот ученик Борис Граматковски. Овој филм е глас што тивко говори за нас, а силно одекнува низ просторот и времето“, рече професорот Трајковски. (А.Б.)