Битолчанец со нож расекол двајца колеги на автобуска постојка, се враќале од работа

БИТОЛА – Битолчанец вработен во голема приватна фабрика во Битола, со нож нападнал и расекол по телото двајца свои колеги. Инцидентот се случил во четвртокот по завршувањето на работното време, кога група работници слегувале од автобус на постојката наспроти Новиот пазар во Битола.
Насилникот на очиглед на повеќемина свои колеги и случајни минувачи, извадил нож и го нападнал колегата со кој и претходно влегувал во вербална расправија, наводно околу извршувањето на работните обврски во фабриката. Со ножот му нанел расекотени, а потоа кога во моментот на инцидентот се вмешал и друг колега за да помогне и да го спречи насилникот да направи поголем штета и него го повредил.
Очевидци кажуваат дека на местото кај постојката останале видливи траги од крв, се додека повредените не бидат медицински згрижени. Насилникот, инаку добро познат на полицијата по низа на случувања и престапи, по инцидентот избегал во непознат правец, но брзата интервенција на крим-полицијата го нашла и со одлука на Судот го лишила од слобода.
– На 13.02.2025 во 16.15 часот, полициски службеници од СВР Битола на ул.„Кочо Чолаков “ во Битола, врз основа на Нарадба за распишување на централна потерница од основен Суд Битола го лишиле од слобода В.Т.(41) од Битола. Имено, на 13.02.2025 во СВР Битола, С.С. пријавил дека на ул.„Генерал Васко Карангелески” во Битола бил нападнат од В.Т кој бил негов колега и истите се довеле во вербална расправија уште додека биле на работа, за подоцна по завршување на работните обврски истите повторно се довеле во расправија при што В.Т. со употреба на остар предмет му нанесол повреди на С.С., а притоа повредил уште едно лице кое сакало да ги раздели. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопшти Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола за АПЛА.мк.
Инаку и напаѓачот и нападнатите се вработени во приватна фабрика во Битола, каде, како што велат нашите соговорници се врши проверка на работниците при влегувањето во објектот околу внесувањето на оружје или спорни тврди предмети. Оттука не е јасно каде насилникот го криел ножот цело време, односно како од фабрика го изнел оружјето што го употребил веднаш по слегувањето од автобусот кој ги превезувал исклучиво вработените од претпријатието. (А.Б.)