Битола се воодушеви, на ред е Скопје: Михаил Корубин со изложба и промоција на книгата „Артокенс“ 


Битола, градот на конзулите, минатиов месец, прв ги виде изложбата „Артокен Генеза“ и новата книга „Артокенс“ на еден од најомилените уметници од помладата генерација Михаил Корубин, од семејството на славни сликари како Миле и Рубенс Корубин, во галеријата „Магаза“ .

На изложбата, во инспиративна атмосфера, привлекувајќи голем број посетители, љубители на современата уметност и култура, колеги уметници и соработници, беше претставен дел од неговата нова серија слики (акрил и масло на платно), кои ќе бидат интергрирани во Артокенс универзумот. Заедно со нив, беа изложени и 50 нови, досега необјавени Супериорни Артокени, како и целосно новата серија „Раѓање на Артокените“ (акрил на плексиглас). Во рамките на настанот, се одржа и промоцијата на првата Артокен книга, која ги содржи сите досега создадени Супериорни Артокени, скиците од процесот на нивно создавање, како и примарните Артокени за пишување, со нивните правила и синтакса.

Артокени всушност е кованица на зборовите „art” и „token” и претставуваат конкретни емоции, зборови или настани. Рачно се нацртани од Корубин во минималистички стил со едноставни геометриски фигури.

Сега на ред е Скопје.

„По две години, со задоволство ја споделувам со вас првата Артокенс книга, која ќе биде презентирана на изложбата „Артокенс генеза” во среда, 22 октомври, во 19, 30 часот, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, (објект Педагошки факултет). 

Артокенс книгата е двојазична (на англиски и на македонски) и ја содржи генезата на овие симболи, сите супериорни и примарни Артокени, начинот на нивно пишување, како и нивните правила и синтакса. За првпат, во неа ќе ги најдете примарните Артокени за создавање реченици, вклучувајќи заменки, придавки, сврзници, глаголи, членови, како и броевите од 0 до 9“, вели Корубин, во објавата на Инстаграм.

Книгата „Артокенс“ ќе може да се набави прво на самата изложба, а ден потоа и преку веб-сајтот.

Корубин е и магистер по ликовни уметности. Досега има изложувано во Канада, САД, Франција, Бугарија… Застапен е во книгата „Masters of contemporary fine arts“ на „Арт галакси“ и е автор кој со своето творештво предизвикува силен интерес кај љубителите на современата ликовна уметност, не само кај нас туку и сè повеќе ја шири својата ликовна енергија со голем број следбеници на социјалните мрежи.