Битола како Виена – новогодишните концерти на оркестарот „Дива“ го донесоа празничниот дух


Битола изгледаше и звучеше како Виена , синоќа, по одржаните два концерти од традиционалниот новогодишен концерт „Виена во Битола“ во изведба на Оркестар DIVA, бо Центарот за култура, настан кој со години наназад претставува културен белег на градот и е меѓу најбараните концерти во празничниот период.

Публиката беше пречекана во сценографија што наликуваше на новогодишна честитка со канделабри, снежни ефекти и зимски пејзажи кои асоцираа на волшебна зимска бајка, инспирирана од виенската елеганција. Во духот на празниците, на посетителите им беа разделени и новогодишни чоколатца, како мал, но топол гест на благодарност кон верната публика.

Концертната програма донесе внимателно избрани бисери од виенската класика и оперетата, со дела од Јохан Штраус, Франц Лехар, Емерих Калман и други. На сцената настапија солистите Марија Наумовска Бакревски, Јелена Јовановиќ (Србија) и Тамара Ангеловска, заедно со мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“, балетот при Македонска опера и балет, придружени од Оркестар DIVA и НУ Камерен Оркестар на Битола. Еден од поубавите моменти беа и малите балерини од Анастасија Центар кои на изведбата на Silent Night ја разнежнија публиката со нивната изведба. Концертот беше под диригентска палка на Владимир Димовски, кој во исто време ги подготвуваше и аранжманите и целосната оркестрација.