Битола: Двајца малолетници тешко повредени на веспа
Моторџиите им го крадат сонот на битолчани со нивната врева и трки во полноќните часови
БИТОЛА – Битола се растревожи по веста дека синоќа двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години со мопед доживееја тешка сообраќајна несреќа во која е повреден и пешак, повозрасно лице. Според потврдени информации од битолската Клиничка болница, возачот на мопедот, момче на 16 години е со тешки телесни повреди, но веќе стабилно, додека неговата сопатничка, девојче на 15 години е во критична состојба и е на операција. Очевидци за медиумите велат дека и двајцата немале кациги на главите, но од полицијата ваквата информација не можат да ја потврдат.
Според полицијата, несреќата се случила на улицата „Ружа Делчева“ во Нова Битола, кога мопед „априлија“ со битолски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Битола, удрил во пешакот Б.В.(70) од Битола и во паркирано возило „сеат“. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и малолетна сопатничка на мопедот, додека пешакот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Оваа сообраќајна несреќа предизвика лавина на реакции во овдешната јавност особено што учесниците во сообраќајката се малолетни. Битолчани коментираат дека одговорноста е кај родителите кои на своите деца им ја исполниле желбата да возат мопеди и мотори.
„Во близина на училиштата се собираат малолетници со мопеди и се вика секоја вечер до доцна во ноќта. Каде се родителите на тие деца, а каде е и полицијата, пред очи се прават трки со мотори, а возачи се малолетници“, коментираат битолчани.
Битолчани се незадоволни што и оваа година, како и претходно, со завршувањето на училишните денови почнува „дивеење“ на млади моторџии во доцните ноќни часови. Тие велат дека им е одземен мирот, но и сонот, а вакви појави има во секој дел од градот.
„Секоја вечер мотори, неподносливо е. Создаваат неподнослива бучава со јачењето. Малолетници се, а ова се случува од 2 до 4 часот. Прашање на време е кога ќе земат некого на душа, а полицијата никаде ја нема“, коменираат дел од повозрасните граѓани, кои бараат крај на трките со мотори и автомобили.
„Два фактори носат одговорност, родителите што им ги купиле и полицијата што не ги санкционира, особено тие што возат без документи и без доволно години за управување со мопеди, мотори“, велат битолчани.
Од СВР Битола велат дека контролите се секојдневни и во континуитет во делот на сообраќајот во Битола. Минатиот месец во само еден ден на територијата на СВР Битола беа санкционирани 90 мотоциклисти по неколку основи, а 40 од нив се во Битола. Другите 50 се на територијата на Прилеп. (А.Б.)