Битката за климата ќе ги зголеми долговите, ќе го намали кредитниот рејтинг

Пандемијата со Ковид-19 предизвика невидено зголемување на државните долгови, а климатските промени би можеле да предизвикаат неизвршување на доспеаните рати низ целата планета, што, како што предупредува панелот на ОН, се должи на глобалното затоплување кое е на пат без враќање доколку итно не се преземат конкретни акции.
За да спречат катастрофа, земјите се обврзуваат да ги намалат емисиите на јаглерод, но тоа ќе биде скапо и најверојатно ќе го зголеми глобалниот долг, кој според Меѓународниот институт за финансии (МИФ) минатата година достигна 281,5 билиони долари.
Со оглед на поплавите и пожарите што го уништуваат светот, процените варираат колку штета ќе нанесе само затоплувањето на глобалната економија, пишува Ројтерс.
Во извештај на Банката на Америка, објавен претходно оваа година, штетата се проценува на 54 до 69 билиони долари до 2100 година, во споредба со проценетата вредност на целата светска економија од околу 80 билиони долари.
Финансиските последици од климатските промени врз економијата може да се манифестираат за помалку од една деценија, предупредува студијата на провајдерот на индексот FTSE Расел на лондонската берза.
Државите наскоро ќе се соочат со првото намалување на кредитните рејтинзи поврзано со климата, вели коавторот на извештајот и виш менаџер за одржливи инвестиции на ФТСЕ Расел, Џулијан Мусави.
Според најлошото сценарио за климата во светот, земјите во развој, вклучително и Малезија, Јужна Африка, Мексико, па дури и побогатите економии како Италија, би можеле да наидат на проблеми со сервисирање на долговите до 2050 година.
Второ, земјите чии влади бавно реагираат на климатските промени, вклучувајќи ги Австралија, Полска, Јапонија и Израел, исто така, ќе бидат изложени на ризик од неисполнување на обврските и намалување на кредитниот рејтинг, се заклучува во студијата.
Иако земјите во развој се поранливи на порастот на нивото на морето и на сушите, дури и оние побогатите нема да ги избегнат последиците од климатските промени, наведуваат многу студии за климата.
Студијата на група универзитети, вклучувајќи го и Кембриџ, заклучува дека 63 земји, приближно половина од оние што се оценети од С&П Глобал, Мудис и Фич, би можеле да доживеат намалување на рејтингот до 2030 година поради климатските промени.
Кина, Чиле, Малезија и Мексико би биле најтешко погодени од намалувањето на рејтингот за шест степени до крајот на овој век, додека САД, Германија, Канада, Австралија, Индија и Перу би можеле да забележат намалување на рејтингот од околу четири поени.
Падот на рејтингот повлекува зголемување на трошоците за позајмување што би го зголемило вкупниот товар на годишните отплати на долгот на земјите помеѓу 137 и 205 милијарди долари во 2100 година, според заедничката студија на група универзитети.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека зголемувањето на ранливоста кон климатските промени за 10 процентни поени, измерено со индексот Notre Dame Global Adaptation Initiative, е поврзано со зголемување на каматниот распон за 150 основни поени за долгорочните државни обврзници. Просечниот раст во сите земји е 30 основни поени.
Програмата на Обединетите нации за заштита на животната средина проценува дека годишните трошоци за адаптација на климата во земјите во развој ќе изнесуваат дури 300 милијарди американски долари до 2030 година и дека ќе пораснат на 500 милијарди долари до 2050 година.
Државниот долг во економиите во развој, изразен како процент од бруто домашниот производ, е сепак околу 60 проценти, според податоците на МИФ, во споредба со Соединетите држави и Британија, чии долгови учествуваат со 100 проценти од БДП, или Јапонија со долг од дури 200 проценти од БДП.
Особено загрижува порастот на долгот пред пандемијата од околу 52 проценти.
Додека во Европа, САД и Јапонија, централните банки се во суштина гаранти за позајмувањето на нивните земји, сиромашните земји ја немаат таа опција и на крајот мора да го отплатат долгот.
„Како можете да им го обезбедите финансирањето што го бараат, со оглед на високото ниво на долг и рамките на кредитниот рејтинг?“, вели Соња Гибс, директорка на глобалните пазари на капитал на МИФ, пренесува Ротерс.