Битката против крузерите во Венеција можеби се уште не е завршена


Кога пред еден месец патнички брод вплови во Венецијанската лагуна за прв пат од почетокот на пандемијата, стотици луѓе се собраа на копно и во мали чамци во знак на протест.
Неколку недели подоцна, се чинеше дека владата ги послуша и објави дека поради заштита на еколошкиот систем и венецијанското културно наследство, бродовите за крстарење ќе бидат забранети во лагуната од 1 август. Овој потег стави крај на долгогодишното политичко двоумење, очигледно ставајќи ги барањата на жителите и органите на културата над барањата на пристанишните работници и туристичката индустрија.

„За нас, тоа е голема победа. Многумина ја споредуваат со борбата помеѓу Давид и Голијат”, рече членот на групата No Grandi Navi, Томазо Качиари.

Но, битката можеби не е завршена.

Додека активистите се грижат за загадувањето и ерозијата во градот веќе загрозен од зголемувањето на морињата, пристанишните работници погодени од неколкумесечните блокади стравуваат за нивниот опстанок.

Бродови со тежина над 25.000 тони ќе бидат забранети во плиткиот канал Гудека, кој минува покрај плоштадот Сан Марко, најпознатото обележје на градот. Бродовите за крстарење обично тежат најмалку четири пати повеќе.

Иднината останува неизвесна. Рим во минатото многу пати донесе закони со кои се ограничува пристапот на крузерите во Венеција, но алтернативното пристаниште се уште не е подготвено.

Владата сака да ја забрза изградбата на пристаниште во близина на Маргера, но нема знаци дека ова ќе биде завршено наскоро.

Јане да Мосто од групата „Ние сме тука Венеција“, која се фокусира на еколошки и социјални проекти, ја поздрави забраната за крстосувачки „чудовишта“, но стравува дека тоа не е долгорочно решение.

Филипо Оливети, директор на групата Басани, која обезбедува пристанишни и туристички услуги, рече дека Венеција не може да преживее без крстосувачки бродови.

„Лудо е за пристаништето и областа што се збогати со пристанишните активности и поморскиот сообраќај. Сега ќе стане само малку повеќе од мала марина”, рече Оливети.