Оспорена аукцијата на „Sotheby’s“ за слика од Ван Гог, проценета на 180 милиони долари
Аукциската куќа „Sotheby’s“ соопшти дека работи на решавање на спор околу планираната продажба на слика од Винсент ван Гог.
Делото „Châtaigniers en fleurs“ („Цветани костени“), чија вредност се проценува на 180 милиони долари (136 милиони фунти), треба да се најде на аукција во Њујорк во среда.
Сепак, претставници на наследниците на семејството Фишер – поранешните германски сопственици на делото – тврдат дека сликата можеби била продадена под принуда за време на подемот на нацистите.
Од „Sotheby’s“ велат дека нивното „опсежно истражување“ не потврдило такво нешто, но додаваат дека ќе соработуваат со семејството за да се обидат да најдат решение.
„’Sotheby’s’ прашањата поврзани со потеклото на уметничките дела и нивната реституција ги сфаќа крајно сериозно и спроведе опсежно истражување за историјата на сопственоста на ‘Châtaigniers en fleurs’“, наведува аукциската куќа во изјава за Би-Би-Си. „Свесни сме за загриженоста што неодамна ја изразија претставниците на наследниците на Фишер и водиме дијалог со нив во врска со историјатот на сликата.
Иако нашето досегашно истражување не утврди дека сликата била продадена под принуда, ја разбираме важноста од внимателен и конструктивен пристап кон семејството и сме посветени на изнаоѓање решение што ќе биде задоволително за двете страни.“
Сликата се продава како дел од збирката позната како „Колекција Блакје-Ариета“ (Blaquier-Arrieta Collection).
На веб-страницата на „Сотбис“ (Sotheby’s) е наведено потеклото на сликата (изработена во техника масло на платно) и е опишано како е истражувана историјата на нејзината сопственост, почнувајќи од 1890 година.
Според податоците, Самуел Фишер – познат германски издавач – ја набавил сликата во 1909 година, а по неговата смрт во 1934 година, таа останала во неговото семејство.
Од „Сотбис“ наведуваат дека во 1932 или 1933 година сликата била оставена кај Пол Касирер во Амстердам, а во 1936 година преминала кај Анриет и Марсел Капферер во Париз.
Пред да биде понудена на аукција оваа година, сликата имала уште четворица сопственици.
Наследниците на семејството Фишер ангажирале адвокат кој, според „Њујорк тајмс“, во нивно име испратил допис до „Сотбис“.
Тој наводно ја известил аукциската куќа дека сликата била продадена во Амстердам пред Втората светска војна, поради финансиските загуби што издавачката куќа на семејството Фишер ги претрпела под власта на нацистите.