Битка за датум. За избори
Откако пред две недели стана јасно дека нема ништо од предвремените избори, опозицијата почна нова битка. За датумот на регуларните избори. Во меѓувреме, ЕУ се откажа од убедување за уставните измени
Три години, некое време по гласањето во јули 2020, целата реторика на опозицијата (со мали паузи) беше насочена кон една цел – предвремени општи избори. Таа не можеше да ја поднесе помислата дека не е на власт, затоа што претставувала народот. Кога есента 2021 убедливо победи на локалните избори и предизвика пад на Зоран Заев од челото на СДСМ и на Владата, таа реторика се претвори во политичка програма. Другите работи во таа реторика – постојаните тврдења за корупција, отсуство на владеењето на правото, отворањето на скандали – беа само логистика на барањето што се претвори во програма. Уште кога мнозинството мачно се прегрупираше за владата да остане во живот, таа програма изгледаше речиси остварлива. Само што не се оствари.
Можеби опозицијата потроши многу од своето време на ова барање наместо да се концентрира на понудата што ќе им ја изложи на гласачите. Од тоа не се појави ниту некакво кроки – освен синтагмата „нема уставни промени под бугарски диктат“.
За тоа време власта се бореше да го амортизира тој притисок за предвремени избори, постојано тврдејќи дека изборите ќе бидат редовни. И успеа во тоа. Но големо прашање е под каква цена. Анкетите велат дека цената не е мала, а можеби е толку голема што не може да биде надокнадива. Како што опозицијата го трошеше времето во барањето за предвремени избори, така власта го трошеше времето последнава година и пол во објаснувањата зошто се неопходни уставните измени. Како што таа зборуваше дека тие се неопходни, така опозицијата го ѕидаше гранитниот ѕид дека тие нема да се случат. И, сосем веројатно, нема да се случат. Барем не сега.
Потрошено време
Владејачките партии потрошија многу драгоцено време во тоа повторување наместо да градат стратегија за идното излегување на граѓаните на биралиштата. И во тој интерегнум да предизвикаат револт на граѓанството со измените на Кривичниот законик. Иако најголема корист од тие измени имаат вмровски првенци на кои им се судеше за корупција и мешање во изборите, камшиците на јавноста паднаа врз грбот на владејачките партии, пред сѐ на СДСМ. Неизвесно е како тоа ќе го амортизираат ако измените станат една од главните работи во кампањата, а уставните измени не се случат.
Откако пред две недели стана јасно дека нема ништо од предвремените избори, опозицијата почна нова битка. За датумот на регуларните избори. И тоа се чини бесполезно. Затоа што ја дисторзира партијата од програмската понуда што треба да ја подготви, а за која граѓаните веќе требаат нешто да знаат.
Таа битка за датумот засега изгледа неизвесна. Фиксирањето на ВМРО-ДПМНЕ изборите да се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателските, на прв поглед изгледа логична. Без оглед што е среда. Но за такво гласање и првиот круг од претседателските избори треба да се одржи во среда, две недели претходно. Што ќе биде драматично отстапување од досегашната практика. (Гласањето на 15 јули 2020 – среда, беше најмногу последица на пандемијата на корона вирусот.)
Клучното образложение за овие два избори во еден ден е дека одвојувањето за неколку месеци ќе биде многу скапо и дека тоа ретко каде се случува во Европа, затоа што граѓаните немаат мотив два пати да излегуваат на гласачките места во рок од неколку месеци. Тоа се само површни тврдења, речиси во секоја земја политиката, особено онаа што владее, ги одредува датумите за излегување на избори, било предвремени, било регуларни.
Има два познати случаи во напредните демократии кога датумите на изборите не зависат од волјата на политичари. Во САД изборите за претседател се одржуваат во првиот вторник по првиот понеделник во ноември на секои четири години.
Во Норвешка предвремените избори се забранети со устав. Парламентот (Стортинг) мора да го отслужи четиригодишниот мандат, не е дозволено негово распуштање предвреме, а тоа не може да го направи ниту кралот. Ако една влада го загуби мнозинството мора да се направи нова владејачка структура.
Како ќе гласаат другите
Во 2024 на избори ќе излезат 40 земји во светот (што парламентарни, што претседателски, што локални), плус гласањето за Европскиот парламент. Од тие земји 20 се во Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Во некои од нив граѓаните ќе излегуваат дури три пати на гласање.
Најблиската до нас е Хрватска. Последните парламентарни избори таму се одржаа на 5 јули 2020. Според досегашните најави изборите во 2024 треба да се одржат на 22 септември или некое време пред тоа. На крајот на декември Хрватите пак ќе одат на гласачките места – на првиот круг од претседателските избори. Вториот круг е закажан за почетокот на јануари 2025. Претходно, Хрватите веќе ќе гласаат на европските избори на 9 јуни. Значи три пати ќе се оди на избори. Засега никој не споменал дека заедно со европските избори треба да се одржат и парламентарните. Трошок? Но, политиката не секогаш размилува за трошоците, туку само на успех на изборите, затоа што партиите се борат за власт, ма колку и да чинело тоа.
Литванија ќе оди на општи избори на 6 октомври (во јуни ќе гласа на европските избори). Во Романија локалните избори ќе се одржат во септември 2024, а првиот круг од претседателските во ноември, два месеци подоцна. Австрија ќе ги одржи своите парламентарни избори есента 2024, некоколку месеци по европските. Словачка ќе излезе на претседателски избори во март или април, а два месеци подоцна на европското гласање. Единствената земја која во ист ден ќе ги одржува парламентарните, европските и регионални избори е Белгија, на 9 јуни.
Се разбира, ниеден од овие пример не може да биде образец за македонската дилема. Секоја земја и секоја политика ги решава дилемите на свој начин. Во Франција, на пример, претседателските избори се одржуваат секои пет години во април. Два месеци подоцна, во јуни, Французите повторно излегуваат на гласање (претходно на двата претседателски круга) за да го изберат паралементот кој треба да биде поддршка за избраниот претседател.
Стравовите кои кружат низ Македонија е дека тешко оти ќе биде избран претседател во вториот круг поради цензусот од 40 отсто, дека граѓаните се многу апатични (а еден дел и иселени) и нема да сакаат да излезат на биралиштата. Политичарите кои ја пумпаа таа апатичност на стереоиди сега сакаат да го извлечат на патерици следниот претседател на државата. Тие не веруваат во граѓанството дека може да биде мотивирано да излезе да гласа за претседател, додека во исто време истите тие политичари толку ја трујат јавноста, што на луѓето им збоктисува да излезат на биралиштата.
Има ли гаранции?
Но кој може да гарантира дека парламентарните избори може да бидат гарант за изборот на претседател. Луѓето може да излезат да гласаат за пратеници, а во исто време по повик на некоја партија (јавен или низ партиските канали) да не ги земат ливчињата за избор на претседател. Такви работи не се непознати во демократиите. Последната се случи на парламентарните избори во Полска пред три недели, кога излезноста беше 74,4 отсто, а во исто време граѓаните се изјаснуваа за четири прашања на референдум предложени од популистичката влада. Главните опозициски партии повикаа на бојкот на референдумот. Тоа и се случи. Само 40 отсто од гласачите ги зедоа ливчињата за референдумот и тој пропадна, затоа што немаше излезност од 50 отсто.
Кој вели дека такво нешто не може да се случи во Македонија, без оглед што двата избори ќе се одржат во еден ден. Поради овие или оние причини (лош резултат во првиот круг, желбата да не се избере претседател) поддржувачите на некои од партиите едноставно да не ги земат гласачките ливчиња за претседател. За изборот да биде неуспешен и да се направи драма со некаков вид уставна криза.
Јасно е дека владејачката коалиција ќе биде под зголемен притисок од опозицијата (а и од дел од јавноста) изборите да се одржат во еден ден. Прашањето на политичка проценка е што таа ќе одлучи. Дали ќе мисли дека одложувањето за некој месец на општите избори ќе може да ја сврти фортуната на нејзина страна, дали се надева дека нејзиниот кандидат за претседател ќе биде избран и тоа ќе ги наполни нејзините едра, или, пак едноставно, до крајот нема да сака да попушти пред барањата на опозицијата, засега не е јасно. Сосем веројатно, тоа не им е јасно ни на владините партнери. Има уште барем два месеци за таква одлука (за да се обезбедат роковите за пржинската влада).
Друга работа е поважна од оваа битка за датум. Што ќе прави државата откако уставните измени нема ни да дојдат на гласање. Многу медиуми, па дури и искусни новинари, од летово наваму пишуваа дека македонската опозиција ќе биде под силен притисок да гласа за уставните измени. Христијан Мицкоски дури најавуваше дека ќе бил ставен под тортура од американскиот дипломат Габриел Ескобар. Елегантниот дипломат Ескобар дојде во август и никому не му виткаше раце.
Потоа се изнакажаа приказни дека Урсула фон дер Лајен ќе дојде во Скопје да направи уште еден последен притисок за опозицијата да го смени ставот, за два дена пред посетата да се појасни дека таа во Македонија е само на првата етапа од нејзината турнеја по Западен Балкан, каде што ќе ги промовира плановите на ЕУ за економска помош на регионот. Таа на прес-конференцијата само рече дека уставните измени се неопходни, а „изборот е ваш. Се надевам дека сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните измени со големо мнозинство. Сите партии имаат одговорност за иднината на државата“.
Заврши европската работа на убедувањето на Христијан Мицкоски за прифаќање на уставните измени. Летоска дојдоа седум европски министри во две групи да видат што може да се направи. А потоа и Ескобар и специјалниот германски пратеник Мануел Сарацин. Оттогаш, работата е оставена на македонските политичари, тие да решат за иднината на земјата – отворање на првите кластери сега или во некоја неизвесна иднина. Фон дер Лајен потврди дека уставните измени се неопходен услов за отворање на првото поглавје од преговорите со ЕУ и со тоа стави точка на идеите и барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Македонија да почне безусловни преговори, а потоа да го решава спорот. Затоа и немаше потреба да се среќава со Мицкоски за да му даде уште можност да се претстави како храбар бранител на македонските интереси.
Играта заврши, затоа што европските и американските партнери и пријатели сфатија дека разговарале со мали мислители во големо време. Сега останува на „хероите“, кои на овој или оној начин го поттикнуваат евроскептицизмот, да му објаснуваат на македонското граѓанство каква е иднината не ако Албанија се одвои од нашата држава и сама го продолжи патот кон ЕУ, туку ако во декември Украина и Молдавија добијат зелено светло за почеток на преговори. Или повторно ќе зборуваат за едната те иста битка овие неколку години – датумот за избори.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)