Битка меѓу Ковачевски и Мицкоски во Изборната единица 1
Лидерите на двете најголеми партии, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, ќе се соочат во Изборната единица 1 чиј центар е Скопје. Ковачевски во вечерашново интервју за „360 степени“ на МРТ изјави дека е нормално и како лидери и како предводници на изборните листи да имаат предизборни соочувања.
„Сметам дека сите носители на листи и сите кандидати ќе го искористат своето право да ги презентираат своите програми пред гласачите. Така што, сосема е нормално дека јас и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме изборно соочување или изборни соочувања на кои ќе можеме да разговараме за нашите ставови и погледи во однос на политичката иднина на Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Тој уште не знае дали СДСМ на претстојните парламентарни избори ќе оди самостојно со своите традиционални партнери или во коалиција и со ДУИ и Алијанса за Албанците.
„Треба да се направат добри анализи од аспект на емпириски студии што би значело тоа. Второ, во однос на усогласеност на програми, усогласенот на вредности и трето, во однос на усогласеност на кадровската понуда што би одела во една таква ситуација. Така што, во овој момент многу е тешко да се даде точен, прецизен одговор за тоа која опција би била реална“, нагласи премиерот, но не ги отфрли ваквите можности.