Битиќи тврди дека има „Сваровски список“ за сликање за пасош по работното време
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска изјави дека на пункотвите за сликање за пасош се појавиле паралелни списоци и луѓето од нив оделе таму по завршувањето на работното време во 19,30 часот.
„Не е вистина дека немало доволно обрасци. Има една многу интересна работа, во 19,.30 се затвораат пунктовите за сликање. Ама, имало друг список во 19,45 за сликање каде доаѓаат и се редат од 19,45 до 21 часот. Тоа е другиот список, оној ‘Сваровски список’. Ова го кажувам јавно, затоа што во ВМРО-ДПМНЕ и да се променети луѓето, манирите им се исти. Затоа и ќе бранам сѐ што сум направил, сѐ што моите колеги имаат направено, сѐ што СДСМ има направено затоа што сме далеку подобри и повеќе си ја сакаме оваа држава од оваа група на луѓе која се обидува да дојде на власт“, рече Битиќи во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Битиќи вели дека тој и неговото семејство биле сликани пред 32 дена за пасош и дека не му се јавил на министерот за внатрешни работи. „И нема да го сторам тоа, ќе чекам. Ако тој не може да направи вториот човек во Владата да го добие тоа што го заслужува, тогаш тој не е за таа позиција“.
Тој уште додаде:
„Слепилото коешто настанува кај ВМРО-ДПМНЕ за да дојде на власт нема мерка. Само што дојде министерот, рече дека имале 50. 000 фиктивни јавувања и термини, и првото прашање што јас го поставувам и би го поставил секој, како одеднаш ги фатиле тие 50.000 фиктивни термини? Дали можеби тие 50.000 фиктивни термини не се нивна заслуга и тоа е инструирано, за да падне целиот систем. Некој вртел цело време, намерно, а последицата од тоа е пад на системот. Значи, некој сака да направи атак на системот, и кога тој истиот ќе дојде на власт, да рече еве ја сум магионичарот“, рече Битиќи.
Тој потенцираше дека и за обрасците за пасош повторно се политичките игри на ВМРО-ДПМНЕ и дека не е вистина дека немало доволно обрасци.