Битиќи: „Казандол“ е симбол на криминал и коруптивни зделки на ВМРО-ДПМНЕ, судските рочишта се затворени во 2023

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес конференција ја припиша целосната заслуга за арбитражниот спор со Казандол на актуелната влада и на себе си лично како претседател на владиното тело во чија надлежност се арбитражите пред меѓународниот суд. Николоски, дури, јавно се посомнева дека зад бројните арбитражи кои ги водат повеќе фирми и лица против Македонија, има нешто матно од страна на претходната влада, алудирајќи дека намерно се доведувале случаите пред судска завршница, без притоа да понуди било каков доказ за изнесените сомневања.
Сепак, барем за случајот Казандол, вистината по се изгледа е поинаква.
На ова укажува пратеникот Фатмир Битиќи кој во претходната влада беше потпретседател надлежен за економските ресори, а беше и на чело на телото за меѓународните арбитражи. Тој денеска преку Фејсбук соопшти дека целата постапка за Казандол била завршена уште во 2023 година, значи за време на мандатот на претходната Влада, а арбитражниот суд сега ја соопштил конечната одлука која во меѓувреме е донесена. Еве што напиша тој на неговиот профил ма Фејсбук:
„Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра.
Да се потсетиме:
– Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година
– Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови
– Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада.
И затоа, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, вели Битиќи.