Што ветува СДСМ: Граѓаните со минимална плата со „нула“ данок
Ние сакаме да му помогнеме на бизнисот, а не да го молземе, порача Сања Лукаревска од презентацијата на програмата на СДСМ во економскиот дел
Предводниците на изборните листи на СДСМ ги преставија главните вет увања од предизборната програма на оваа партија, а кои се однесуваат на економската политика, здравствената, даночната и други прашања. Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, порача дека економскиот дел од Програмата ќе се базира на четири цврсти столба – Човечки капитал, висока продуктивност, конкурентност и иновативност.
„Во програмата СДСМ ветува 1.100 евра просечна плата, 600 евра минимална плата, 0% данок на личен доход за минимална плата, невработеност најмала во историјата од 7%, како и 180 милиони евра поддршка за домашните компании, 3,5 милијарди евра инвестиции.
Ба Фејсбук профилот тој ги објави главните ветувања на сумиран начин:
Големи најави дојдоа и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и коносител во ИЕ3, Љупчо Николовски.
„Во наредните 4 години вложуваме 200 милиони евра за брани и системи за наводнување, со кои обезбедуваме наводнување до нови над 21.000 хектари земјоделски површни“, рече коносителот во ИЕ3, Љупчо Николовски. Тој додаде дека веќе е започнато со проектирање за изграба на системите за наводнување, опфаќајќи цел земјоделски регион од Велес до Гевгелија.
„Даваме збор за историски највисока финансиска поддршка во земјоделството. Во следните 4 години вложуваме една милијарда и 350 милиони евра за субвенции и за инвестиции во модернизација. 750 милиони евра субвенции и 600 милиони евра капитални инвестиции и проекти за рурален развој, до крајот на новиот мандат“ – рече министерот за земјоделство.
Тој додаде дека од 2025 година ќе се обезбеди систем за целосно електронско аплицирање, а по примерот на зелената нафта, која што за сите земјоделци се обезбедува целосно, се воведуваат и земјоделски картички, на кои дел од субвенциите земјоделците ќе ги добиваат наменски, за набавка на репроматеријали.
„ Имаме конкретен план за да обезбедиме рекорно домашно производство на македонска храна, во вредност од 1,5 милијарда евра, со извоз на домашни земјоделски производи, кој ќе достигне 1,25 милијарда евра. До 2028 година повеќе извоз од увоз на храна“ – рече Николовски.
Тој додаде дека во наредните четири години ќе се вложат и нови 100 милиони евра во руралниот развој.
„Оваа 2024 година е година во која фокусот го насочивме кон поддршка на сточарството. Така продолжуваме и во следните четири години. До 2028 година, двојно го зголемуваме буџет во сточарско производство, од досегашните 35 на 70 милиони евра годишен буџет “– рече Николовски.
Тој најави дека субвенцијата по грло кај кравите до крајот на 2028 година ќе достигне 20 илјади денари – раст од 2.800 колку што беше во 2017 година, 12 илјади колку што е во 2024 година, 15 илјади во 2026 година, до 20 илјади денари во 2028 година.
„ Субвенциите за овци од 2.000 денари ги зголемуваме на 3.000 денари во 2026 година. 150 отсто зголемени субвенции кај предадено јагне во регистрирани кланични капацитети од 400 денари на 1.000 денари. За 300 отсто зголемени субвенциите во свињарството кај маториците ,од 1.000 денари на 3.000 денари“, најави Николовски.
Според него, до 2025 година се креира и нова програма за поддршка на сточарите, со која ќе им се дава поддршка од 15 илјади евра по корисник за мобилни кланици, мобилни молзилишта и мобилни мандри. Тој додаде и дека веќе се испишува и нова успешна ИПАРД 3 приказна, во која за следните четири години се вложуваат 200 милиони евра во иновации, модернизација и развој.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, како главен успех на СДСМ што ќе се надградува го посочи повратот на ДДВ.
„Мерката МојДДВ, која ја воведовме пред речиси 5 години, е уште еден ефикасен механизам за заштита на домашната економија и на државниот буџет, но и мерка преку која вративме близу 150 милиони евра во семејниот буџет на граѓаните. МојДДВ продолжува да се бори со сивата економија заедно со граѓаните. Во 2025 година максималниот износ на поврат ќе го зголемиме на 2.400 денари, во 2027 на 2.700 денари, а на крајот на мандатот во 2028 година тој ќе изнесува 3.000 денари месечно“, рече директорката на УЈП и носителка на ИЕ3, Сања Лукаревска.
Таа додаде дека успешните економски политики на СДСМ овозможуваат планирање на уштедна даночна придобивка – “0“ отсто данок на добивка на минималната плата.
„Водилка во нашата даночна политика е социјал-демократската правичност. Ние сакаме да му помогнеме на бизнисот, а не да го молземе. Но, мора да има баланс. Тие што имаат многу, треба да плаќаат повеќе! Затоа, по сериозна анализа и широка дебата, воведуваме данок на луксуз и богатство за да постои солидарност и правичност“, рече Лукаревска.
Тој додаде дека по укинувањето на паралелниот увоз на лекови и обезбедувањето оригинални инсулини за 20 илјади пациенти, владата предводена од СДСМ ќе се обврзи на воведување уште три нови квалитетни лекови од групата на инсулините.
„Понатаму, планираме значително подобрување на условите за студентите. Во следните четири години ќе ги удвојуваме квотите за упис на факултетите и ќе ја укинеме партиципацијата за студирање на медицинскиот, стоматолошкиот и фармацевскиот факултет. Ја решаваме критичната побарувачка за здравствени работници и инвестираме во иднината на македонската медицина“, рече Филипче.
Таа додаде дека ќе се воведе и новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари, но кажа и дека ќе се изградат најмалку 12 нови домови за стари лица.
„Како што се грижиме за нашите највозрасни сограѓани, така продолжуваме со грижата за нашето најголемо богатство-децата. Продолжуваме со отворање на нови градинки и се обврзуваме да го зголемиме опфатот на децата во градинки 70 отсто. Сите сме еднакви, затоа ќе обезбедиме инклузивно игралиште и сензорна соба во секоја градинка, во секоја општина“ рече Тренчевска.Притоа, додаде дека ќе има и бесплатни логопетски и дефектолошки третмани за секое дете.
Јован Митревски како носител на листата во петтата изборна единица порача дека СДСМ и коалицијата покажале на дело што значи негување и промовирање на демократијата, на човековите права, на слободата.

„Го вративме дијалогот, ги залечивме раните од 2017 година и продоложивме напред. Реформите веќе никој не може да ги блокира. Постигнавме прогрес, воспоставивме систем кој почна да дава резултати. Не чека уште многу работа. Нема да им да дозволиме на оние без визија, без план и без идеја повторно да не вратат децении назад. Продолжуваме напред, да ги донесеме европските вредности и стандарди дома“, рече тој.
Митрески нагласи дека институциите ќе ги доближат до граѓаните, ќе се формираат „Мобилни канцеларии“ наменети за руралните средини.
„Институциите ќе ги доближиме до граѓаните. Планираме формирање на ‘мобилни канцеларии’, посебно наменети за руралните средини. Услугите за граѓаните ќе бидат подостапни и со помалку трошоци“, рече Митрески.
Тој рече и дека неопходни се реформи во правосудството, а место ќе има само за најквалитетните судии и обвинители.
„Владеењето на правото е наш врвен приоритет. Реформите во правосудниот систем се неопходни, место ќе има само за најквалитетните судии и обвинители, кои ќе бидат професионалци со интегритет“, рече тој. Според него, членовите на Судскиот совет од фелата на истакнатите правници ќе се бираат со јавен избор и со учество на претставници од граѓанскиот сектор.

„Справувањето со корупцијата ќе го зајакнеме и преку дигиталната трансформација на општеството. Преку дигитализацијата ќе работиме и на зајакнување на целиот систем, со исклучување на субјективниот фактор во процесите. Дигитализацијата е процес кој нема алтернатива. Мора да бидеме во чекор со технолошкиот напредок, со цел да обезбедиме ефикасни, брзи и квалитетни услуги за граѓаните и деловните субјекти“, рече Митрески.
Тој додаде дека преку дигитализацијата ќе се подобри и квалитетот на административната служба, а со новата програма се предвидува и оптимизацијата на државната управа и намалувањето на бројот на управните одбори и нивните членови, како и намалување на институциите кои се поклопуваат во надлежностите со цел намалување на трошоците.
„Парите и инвестициите нема да паднат од небо. Инвеститорите ќе дојдат ако гледаат европска иднина во Македонија. Ќе дојдат ако Македонија е целосно посветена на европскиот пат и ако работи да се оствари целта. И ако работи да се оствари сега и веднаш, а не со одложување од нови 11 години. Затоа кога ќе ги споредувате програмите, треба да ги гледате низ призмата на тоа кој може најбрзо да ја приближи Македонија до ЕУ. Тоа ќе биде најкрупната работа што ќе одреди дали некое ветување или сите ветувања може да бидат исполнети или не“, сумираше лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

