Бислимоски на Белградскиот енергетски форум: Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот кон европскиот енергетски пазар

Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот енергетски пазар кон Европскиот енергетски пазар, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски на Белградскиот енергетски форум.
Бислимоски, како што велат од РКЕ, информирал дека новиот Закон за енергетика е донесен и дека следува носење на подзаконската легислатива. Крајна цел, според Бислимоски, е да се обезбеди европска сигурност и стабилност во преносот и дистрибуцијата, но и пониски цени на електрична енергија за потрошувачите.
-Со донесување на новиот Закон за енергетика, влегуваме во финална фаза со реформите во овој сегмент со што ќе стартува конечната интеграција на земјава со европскиот енергетски пазар. Најпрво ќе следува меѓу фаза во спојување на регионалните пазари. Убеден сум дека најдоцна до вториот квартал од 2027 година, односно во рок од две години ќе покажеме локален и регионален капацитет во преземање на сите неопходни чекори и ќе обезбедиме земјава да стане дел од пазарот на земјите членки на Европската унија. До сега во овој процес, во т.н спојување на регионалните пазари, не водеше УСАИД, но сега поради новите политики – ние сме оставени сами да го спроведеме овој сериозно комплексен процес. Од досегашната фаза на т.н „преговарање“, влегуваме во втора фаза каде ќе го отвориме енергетското регулаторно поглавје преку синхронизација на легислативата за регионална поврзаност на пазарите за електрична енергија. Македонските граѓаните ќе имаат европска енергетска сигурност и стабилност и практично сите заедно од ЕУ ќе ги споделуваме и позитивните трендови – како пониски цени, но исто така заедно ќе ги амортизираме можните негативни шокови, истакнал Бислимоски.
На панелот посветен за „Интеграција на пазарот на електрична енергија на Западен Балкан со пазарот на ЕУ“, во рамките на Белградски енергетски форум 2025 се дискутирало за потребата регионот да настапи со единствен координиран став на претстојниот состанок што треба да се одржи на 1 јули во Брисел.
-Неопходно е да се зборува отворено со Брисел и заедно со Енергетска Заедница треба сите земји од регионот да направиме акциски план во кој ќе се детектираат фазите за воведувањето на јаглеродната такса. Што можеме сами да направиме, веднаш да ги спроведеме тие активности, а во сегментите во кои ќе ни треба финансиска помош да побараме ЕУ да ни помогне, истакнали Бислимоски.
Третиот Белградскиот енергетски форум , како што е наведено во доопштението од РКЕ, ги обедини лидерите од енергетскиот сектор кои во фокусот ја имаат енергетската транзиција.