Билјана Ивановска: Оценките на ДКСК за велосипедот се навреда за сите совесни функционери
Сегашниот и претходниот состав на Антикорупциската комисија влегоа во клинч поради две работи – дипломатските пасоши и одењето на работа со велосипед или автобус.
Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во името на сите членови на претходниот состав, денеска преку Фејсбук ги оцени квалификациите на сегашниот состав на ДКСК околу одењето на работа со велоспед како навреда.
„Обврска на медиумите е да го следат работењето на институциите и на фунционерите и за тоа навремено и целосно да ја известуваат јавноста.
Како поранешни членови немаме никакво влијание ниту врз работењето на Комисијата ниту врз работењето на медиумите. Извештаите за работењето на претходниот состав на ДЛСК, како и извештаите на Европската комисија и другите меѓународни организации и тела, го прикажуваат односно го оценуваат работењето на Комисијата во нашиот мандат.
Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не нѐ спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел.
Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам. Ова е навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина“, пишува Ивановска.
Во денешното соопштение на ДКСК се наведува дека „возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК“.