Билетите за 45. Скопски џез фестивал во продажба од утре


Скопскиот џез фестивал ужива култна репутација во Европа и светот, обезбедена со грижливо конципирана богата програма, втемелена на ексклузивноста, актуелноста, современоста и погледот кон иднината на џез музиката. Многубројните џез фестивали во Европа најчесто се гледаат себеси како „чувари на традицијата“, а многу е мал бројот на оние кои програмски се занимаваат со проширување на поимањето за тоа што може да биде џезот: истражувачки, со поместување на границите и во потрага по нови звуци и редефинирање на современиот џез. 

Скопскиот џез фестивал припаѓа на оваа категорија и секоја година успева да изненади, отворајќи нови перспективи и хоризонти, без програмско додворување на масовната публика. Годинашната програма засигурно ќе ја потврди ваквата неговата посебност и елитниот статус во Европа. Што е наша примарна цел, не додворувањето на потребите на нашето поднебје. Статистички, ова издание на фестивалот (на кое ние не гледаме како јубилејно) има рекорден број изведувачи од дури тринаесет земји. Речиси сите концерти се наполно ексклузивни, во овој период само за Скопје.

Новина е што богатата пополноќна програма ќе се одржува на исто место, Националната опера и балет, на специјално за оваа прилика подготвената Мала сцена. Остануваме горделиви на воспоставената традиција на прикажување на најдобрите музички документарци, овојпат со уште едно култно филмско дело. И на работилницата „Џез за деца“. Дизајнот на фестивалот е на ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.