Бил Клинтон се споменува повеќе од 50 пати во документите за педофилскиот синџир на Џефри Епштајн
Поранешниот претседател на САД е наведен под кодното име Џон До 36
Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон е наведен под кодното име Џон До 36 во судските документи поврзани со починатиот сексуален престапник и милионер Епштајн кој се самоуби во затвор. Клинтон беше спомнат повеќе од 50 пати во текот на истрагата за цензурираните документи, што треба да бидат објавени деновиве.
Главниот судија на американскиот Окружен суд за јужниот округ во Њујорк, Лорета Преска, нареди во вторник да бидат отворени за јавноста судските документи во случајот со педофилскиот синџир на Џефри Епштајн.
Досието беше запечатено од 2015 година како дел од тужбата на Вирџинија Робертс Гаф против Епштајн и неговата сопруга Гизелена Максвел.
Сара Келен е една од најблиските соработнички на Епштајн, а обвинета е дека организирала масажи во кои Епштајн ги малтретирал жртвите. Таа е поврзана со организирање на систем кој служел како покритие за злоупотреба на деца.
Таа би можела да го искористи своето богатство од внатрешни информации за да избегне потенцијални тужби.
Келен, наводно, внимателно ги чувала своите тајни со години, чекајќи ваков момент кој би можел да ја прикаже како клучен учесник во контроверзниот потфат.
„Она што таа го знае може да го шокира светот“, рекол извор близок на Келен и нејзиниот сопруг, според Њујорк пост.
Дури 170 имиња на луѓе ќе излезат на виделина. Освен името на принцот Ендру, на кој по скандалот, кралското семејство му ги одзеде кралските и воените почести и беше принуден да се повлече од јавните должности во 2019 година, во западните медиуми се навестуваат и имињата на поранешниот водач на мнозинството во Сенатот на САД, Џорџ Мичел, трагачот по манекенки и таленти, Жан Лук Брунел, менаџерот-милијардер Глен Дабин и други. Некои од навестуваните лица сега се починати