Бил Гејтс проговори за е-пораките од досиејата на Епштајн во кои се споменува тој


Бил Гејтс, преку портпарол, остро ги отфрли најновите обвинувања што се појавија за неговата врска со Џефри Епштајн, по објавувањето на нови документи од страна на Министерството за правда на САД, објави Business Insider.

Министерството за правда на САД во петокот објави повеќе од три милиони страници документи поврзани со Епштајн, вклучувајќи е-пораки од 2013 година што Епштајн си ги напишал самиот на себе. Според обвинувањата, станува збор за белешки што ги подготвил за лице по име Борис, вработен во Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, и кои требало да бидат испратени до Гејтс по меѓусебен спор.

Една е-пошта, со наслов „сметка“, сугерира дека Гејтс наводно побарал лек за сексуално пренослива болест за „тајно“ да ѝ го даде на неговата тогашна сопруга Мелинда Френч Гејтс. Во друга порака се наведува дека Борис наводно му помогнал на Гејтс да „набави дрога“ и овозможил „нелегални средби“ меѓу основачот на Мајкрософт и „руски девојки“ и „мажени жени“.

Во објавените е-пораки нема докази што ги поткрепуваат овие тврдења.

„Документите ја покажуваат фрустрацијата на Епштајн што немал постојана врска со Гејтс“
„Овие тврдења се апсолутно апсурдни и целосно неточни. Единственото нешто што го покажуваат овие документи е фрустрацијата на Епштајн што нема постојана врска со Гејтс и нивото до кое бил спремен да оди за да го намами и оцрни“, изјави портпаролот на Гејтс во изјава за „Бизнис инсајдер“.

Не е познато дали текстот на тие е-пораки некогаш всушност бил испратен до Бил Гејтс. По самоубиството на Епштајн во федералниот затвор во 2019 година, Гејтс се соочи со прашања за степенот на нивната врска.

Мелинда се разведе од Бил поради она што таа го нарече негови средби со Епштајн.
Гејтс претходно изјави дека присуствувал на неколку вечери со Епштајн од филантропски причини и дека сега жали што поминал време со него.

„Волстрит џурнал“ објави во 2021 година дека Мелинда Гејтс почнала да бара советување за развод во 2019 година, околу времето кога информациите за средбите на Бил со Епштајн станаа јавни. Во интервју за Си-Би-Ес во 2022 година, таа рече дека врските на нејзиниот поранешен сопруг со Епштајн биле фактор во нивниот развод.