Американски инвеститор нуди 56 милијарди евра за преземање на „Јуниверзал мјузик“
Вашингтон – Американскиот инвеститор Бил Акман има намера да ја преземе најголемата музичка компанија во светот, „Јуниверзал мјузик груп“ (Universal Music Group – UMG), за околу 56 милијарди евра (65 милијарди долари), соопшти неговата инвестициска фирма „Першинг сквер“ (Pershing Square).
„Першинг сквер“ веќе поднела официјална понуда за преземање на „Јуниверзал мјузик“, чие корпоративно седиште е во Холандија. Компанијата поседува ексклузивни договори со најголемите светски музички ѕвезди, меѓу кои се Тејлор Свифт, Лејди Гага и Били Ајлиш.
„Јуниверзал“ е една од трите најголеми музички куќи во светот, заедно со „Ворнер мјузик груп“ (Warner Music Group) и „Сони мјузик ентертејнмент“ (Sony Music Entertainment).
Понудата на „Першинг сквер“ вклучува комбинација од готовински дел и нови акции на UMG, што имплицира вреднување од околу 30,40 евра по акција. Акциите на компанијата во моментов се тргуваат нешто под 19 евра, па врз основа на затворачката цена од 2 април, понудата на Акман претставува премија од дури 78 проценти.
Акман ја основаше „Першинг сквер“ во 2004 година и оттогаш управува со компанијата, која поседува удели во голем број значајни американски корпорации, вклучувајќи ги „Убер“, „Амазон“ и „Алфабет“.