Би-би-си: Џонсон ќе поднесе оставка
Британскиот премиер Борис Џонсон ќе поднесе оставка, јави Би-би-си.
Британскиот премиер Борис Џонсон, денеска ќе поднесе оставка, објавија повеќе британски медиуми, меѓу кои и Би-би-си, откако на тоа го повикал министерот за финансии кого самиот премиер го постави на функцијата пред 48 часа.
Џонсон во средата, се спротивстави на притисоците на министрите да поднесе оставка и на сѐ посилниот бунт во Конзервативната партија, велејќи дека ќе одолее на секој обид за негова смена.
По повеќе од 50 оставки на функционери и отворен бунт на бројни конзервативни пратеници во парламентот, некои министри отишле во „Даунинг стрит“ да му кажат на Џонсон дека мора да си замине. „Даунинг стрит“ објави дека премиерот денеска ќе даде изјава нешто подоца.
„Мора да ја направите вистинската работа и веднаш да заминете“
Ден по стапувањето на должност, затоа што неговиот претходник даде оставка во знак на протиест поради начинот на кој британскиот премиер постапи во врска со наводно непримерното однесување на член на неговата партија, новиот министер за финансии Надим Захави во четвртокот му рече на премиерот дека треба да поднесе оставка.
„Мора да ја направите вистинската работа и веднаш да заминете“, вели Захави. Тој не кажа дали и тој дава оставка, но додаде дека отишол во канцеларијата на премиерот со колегите од кабинетот во средата навечер за да му каже на Џонсон „достоинствено да си замине“.
„Срцето ми е скршено што не слушаше и што сега ги поткопува неверојатните постигнувања на оваа влада“, напиша Захави во писмото. „Државата заслужува влада која не е само стабилна, туку и делува со интегритет. Премиере, знаете во своето срце што е вистинската работа што треба да ја направите и одете си сега“, додава Захави.
„Ова не е одржливо и ќе биде само полошо“
„Ова не е одржливо и ќе биде само полошо, за вас, за Конзервативната партија и што е најважно, за целата земја“, напиша Захави на Твитер, откако повеќе од 50 министи и помошници дадоа оставка во владата.
Британската министерка за образование Мишел Донелан, поднесе оставка во владата во четвортокот, помалку од 48 часа откако беше именувана, велејќи дека тоа е единствен начин да се присили премиерот Џонсон да поднесе оставка.
„Не гледам начин да останете на должност, но без формален механизам за ваша смена се чини дека тоа е единствениот начин… ние кои останавме во кабинетот да ве присилиме“, напиша Донелан во писмото со оставка, велејќи дека го замолила Џонсон, во средата, да поднесе оставка.
„Нѐ ставивте сите нас во невозможна ситуација… како некој кој ја цени чесноста над сѐ , немам друг избор“.
Министерот за одбрана Бен Волас, исто така го повика Џонсон да се повлече, но самиот нема да поднесе оставка за да ја заштити националната сигурност.