Без размислување влегле во запалена куќа: Две момчиња од Дебарско херои во Италија, спасиле неколку лица


Две момчиња по потекло од дебарскиот крај се херои во Италија откако не двоумејќи се влегле во куќа која горела во Виа Паролини, Басано дел Грапа и спасиле четири животи.

Според италијанските медиуми „Македонците – херои се Алмир Иљази и Орхан Емро кои спасиле две постари жени кои се гушеле во чад, уште една жена и дете“.

-Алмир Иљази (31) по потекло е од село Жировница, општина Маврово и Ростуше, а подолг период живее во Италија. Горди сме на неговата храброст, како и на храброста на другото момче. Нивната пожртвуваност е за секоја почит, рече за МИА Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово и Ростуше.

Орхан Емро (25), кој е и италијански државјанин по потекло е од Жупа, живее во Сан Џузепе ди Касола со своите родители и помалиот брат, а во саботата кога се случил настанот случајно поминувал тука.

-Орхан е вработен во Специјал Спрингс во Романо, роден во Аквила, но семејството се преселило во Касола кога Орхан имал една година. Иљази живеел во соседниот објект, осум години е во брак со Семина, негова сонародничка, има две девојчиња на возраст од седум и тринаесет месеци и едно тригодишно момче, наведуваат италијанските медиуми.

Посочуваат дека двете постари жени, детенцето и жената што се грижела за него, кои вдишиле чад, биле преземени од итната медицинска помош и според извори од болницата се во добра состојба.

Двајцата изјавиле дека без размислување притрчале да помогнат иако првпат се соочиле со ваква појава.

– Ако некому му треба помош, не треба да се откажуваш, туку да направиш сè што можеш и да подадеш рака. Среќни сме што спасивме човечки животи. За нас тоа е најбитно, рекле за медиумите.