Без една урната дивоградба владина мега-делегација ќе го уверува УНЕСКО дека презела мерки за Охрид
Дали големата делегација отиде во Париз за да прави театар за домашната јавност, или пак да спречат навистина Охрид да добие статус на загрозено културно наследство
Од Владата утрово соопштија дека дури четворица министри и двајца градоначалници отпатувале во УНЕСКО во Париз за да спречат да се прогласи Охридскиот Регион за загрозено културно наследство, иако во земјата не прават ништо да го оправдаат ваквиот енормен трошок на сметка на државата.
Уште повеќе, со оглед на тоа хотелот „Горица“ сѐ уште се гради, изменетите ДУП-ови со кои беше овозможено дивеењето со дивоградби не се укинати, а ревизорот утврди општ јавашлук во оптината, те. непочитување на законските регулативи во управувањето со ова наше богатство и непотврдени финансиски извештаи, дилемата е – дали вака чопоративно отидоа во Париз за да прават театар за домашната јавност, или пак да спречат навистина Охрид да добие статус на загрозено културно наследство, бидејќи така ќе добијат уште малку време да градат, да доградуваат, да узурпираат и да го уништуваат регионот, за некои да се богатат.
Не е случајно што за оваа посета медиумите дознаа денес, кога веќе се случува, и што никој не ѝ презентираше на јавноста од сите овие министри и двата градоначалници со кои аргументи ќе ги убедуваат преставниците на УНЕСКО дека преземаат мерки да се смени состојбата и дека тоа не е само гола реторика. Практично исто така така како што го „решаваат“ спорот со Бугарија за идентитетот и за ЕУ – силни на зборови, невидливи на терен.
Посетата на министрите следи по последната трета расправа за Охридскиот регион во УНЕСКО, кога ѝ беше дадена уште една шанса на Владата пред да се донесе одлуката за загрозено светско наследство, но со обврска до фебруари оваа година да исполни одредени обврски и тоа што е направено да го презентира во извештај. Што ќе презентираат денес и утре министрите и градоначалниците не е јасно, но познато е што бараше УНЕСКО лани.
Имено, УНЕСКО бараше земјава итно да ја зајакне заштитата на Студенчишко Блато, да ги стопира сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина, вклучително и кај хотелскиот комплекс „Горица“, и да го ревидира предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата. Комитетот во својата нацрт одлука посочи дека „продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО“ и бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.
Комитетот ги повикува надлежните институции што поскоро да ја изготват проценката на сите кумулативни влијанија од инфраструктурните и развојните планови (како железничката траса на Коридорот 8) и големи проекти врз регионот и истата да ја достават до Центарот за светско наследство за разгледување од консултативните тела.
Околу претераната урбанизација, која е исто така забелешка на УНЕСКО, состојбата најдобро ја опиша државниот Завод за ревизија во својот извештај објавен лани.
„За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети, иако овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со ‘Планот за заштита на културно наследство’ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк ‘Галичица’, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, се вели во извештајот.
Исто така се споменува дека не е донесен ниту урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство.
Од Владата соопштија дека на средбите „ќе бидат потенцирани цврстите заложби за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност.
Делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација“.
Кои мерки, која заштита, какви планови, никому не му е јасно. Она што е факт е дека 39 невладини организации лани бараа на Охридскиот Регион да му се смени статусот како последна шанса за негов спас, бидејќи тоа ќе значи директна интервенција на УНЕСКО во неговата заштита, преку фондови и постојан мониторинг. На тие што сакаат и натаму да го стават личниот пред јавниот интерес тоа не им одговара, односно бизнисот си врви се додека статусот на Охрид е загрозен. (Н.В.)