Бесент: Приходите од царините ќе надминат 300 милијарди долари


Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, денес изјави дека очекува значително повисоки приходи од царините оваа година од претходно проценетите 300 милијарди долари (257,2 милијарди евра), додавајќи дека тие ќе бидат искористени за намалување на огромниот национален долг, а коментираше и за написите за потенцијална инвестиција во Интел.

„Реков дека приходите од царината оваа година би можеле да бидат 300 милијарди долари. Ќе морам значително да ја ревидирам таа бројка нагоре“, рече Бесент во интервју за Си-Ен-Би-Си.

Сепак, секретарот за финансии одби да даде конкретни прогнози за нови приходи, но рече дека тој и претседателот Доналд Трамп се „многу фокусирани“ на отплата на долгот.

Приходите од царината ќе бидат искористени и за намалување на буџетскиот дефицит, мерен како дел од бруто домашниот производ (БДП), додаде тој.

Министерот за финансии денес изјави дека секоја инвестиција во американскиот производител на чипови Интел, кој се бори со тешкотии, ќе биде насочена кон стабилизација на компанијата, но дека владата нема да ги принуди американските компании да купуваат чипови на Интел.

Запрашан за извештаите дека САД размислуваат да преземат 10 проценти од акциите на Интел, Бесент за Си-Ен-Би-Си изјави дека последното нешто што би го направил би било да преземе удел, а потоа активно да се обиде да ја зголеми продажбата или да привлече нови клиенти.

Тој додаде дека уделот би бил конверзија на грантови и можеби зголемување на инвестициите во Интел за да се стабилизира компанијата за производство на чипови во САД, и дека немало разговори за обид да се принудат компаниите да купуваат од Интел.

Бесент не образложи за големината на потенцијалниот американски удел во Интел или за временската рамка за стекнување на уделот.

Неговите коментари дојдоа еден ден откако јапонската банка СофтБанк се согласи да го рекапитализира Интел, кој се бори да се натпреварува по години грешки во управувањето, со 2 милијарди долари (1,71 милијарди евра).

Интел, соочен со бројни деловни предизвици, минатата година ја објави својата прва загуба од 1986 година, од 18,8 милијарди долари (16,1 милијарди евра).