БЕСА не ги дава функциите во парламентот што ги изгуби со одење во опозиција


Изјавите на премиерот Димитар Ковачевски за улогата на Движењето Беса во Собранието се несериозни  и го покажуваат пристапот на актуелната власт – дека сакаат сѐ да помине со силата на бројките, купените пратеници или искривувањето на волјата на граѓаните на државата, реагираше БЕСА на повикот на премиерот дека треба да го прифатат фактот дека сега се опозиција во Собранието и да отстапат од позициите.

„Движењето Беса е конструктивна опозиција која целосно го соголи хибридниот режим на СДСМ и ДУИ, па како ќе се однесуваат пратениците од Беса во Собранието не е работа на премиерот Ковачевски. Односот на силите, особено преку комисиите во Собранието е поставен во 2020 година и каква било промена треба да се направи дури откако ќе се одржат парламентарни избори и ќе дојде нов пратенички состав во Собранието.

Доколку господинот Ковачевски е убеден дека го има мнозинството, го повикуваме да го прифати предизвикот на опозицијата и да оди на предвремени парламентарни избори, Дотогаш може да „ужива“ во задачата што ја презеде како премиер со мнозинство купено и уценувано. што не ја одразува политичката реалност на народната пресуда“, порачаа од Беса.

Ковачевски апелираше до пратениците на Беса да ја деблокираат работата на собраниските комисии со прифаќање на распределбата на местата во комисиите согласно со владиното мнозинство.

„Упатувам апел до Собранието и до политичките партии во Собранието дека согласно со распределбата на местата во комисиите и согласно со владиното мнозинство кое што е зголемено во рамките на оваа Влада и кое што е поддржано со 64 пратеника, со оглед на тоа што една од партиите која што беше дел од владата до изборот на оваа Влада реши да оди во опозиција, таа партија треба така да се однесува. Вие не можете во четврток да бидете претпоставена власт, во четврток навечер да сфатите дека не сте власт и во петок сабајле да кажете сабајле слушајте ние погрешивме не мислевме вака, сега сакаме да бидеме власт, а да сме опозиција. Ова е порака до нив дека треба да се однесуваат согласно со стандардите на парламентарната демократија и да ја организираат работата на Собранието согласно со процедурите и согласно со распределбата на местата не само во таа комисија, туку и во сите комисии“, рече премиерот Ковачевски е во врска со деблокирање на работата на собраниската Комисија за избори и именување.