Бени Шаќири кандидат за градоначалник на Скопје, Никола Пановски носител на советничка листа од коалицијата „Одлучно за промени“


Пејачот Бени Шаќири е кандидат за градоначалник на Град Скопје од коалицијата на ЛДП и ДОМ, а микробиологот Никола Пановски е носител на советничката листа.

Тие денеска беа промовирани од страна на ЛДП и ДОМ кои на изборите ќе настапат заеднички под слоганот „Одлучно за промени“.

Шаќири на промоцијата изјави дека мотив за да се вклучи во трката за градоначалник на Скопје е тоа што се чувствува изневерен од тоа како се води градот во изминатите четири години.

– Како граѓанин на Град Скопје, сум лично изневерен. Така што, мислам дека треба да се обидеме сите заедно да направиме барем нешто што може да нè натера да успееме да го направиме овој град достоинствен за живот. Какви се денеска состојбите мене воопшто не ми се допаѓа и токму тоа е мојот мотив да се вклучам во овој процес, па макар и изгубил. Но, се разбира дека секој од нас оди понатаму, оди напред и се труди да дојде до победа, рече Шаќири.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски рече дека се работи за личности кои се исклучително ценети во својата професија, луѓе со авторитет и чесни и искрени скопјани.

– Се работи за луѓе кои ќе работат во интерес на граѓаните, кои интересот на Скопје ќе го стават пред сè и над сè. Луѓе кои ќе обединуваат, рече Милевски.

Коалицијата има над 50 кандидатски листи за локалните избори, со голем број на граѓански активисти и непартиски лица, со што оваа коалиција сака да се позиционира како трета политичка сила на македонската политичка сцена.

До сега тие ги најавија кандидатите за градоначалници на Ѓорче Петров Љупчо Јаневски, на Кисела Вода Ѓулистана Марковска, на Гевгелија Виктор Петков, на Прилеп Славе Петрески и на Штип Ванчо Санев.