Бендот „Визија“ со два концерти во Патра, Грција


Бендот „Визија“ продолжува со своите интернационални настапи. Откако во мај годинава настапија пред француската публика во градот Дижон, сега во рамки на „Europe Convergence” ќе одржат и два концерти во градот Патра, кој се наоѓа во јужниот дел на Грција.
Концертите се закажани за 28. и 31. август, а покрај „Визија“, во периодот меѓу 26. август и 2. септември ќе настапат и бендови од Франција и Грција кои ќе го претстават својот материјал пред публиката во третиот по големина град во Грција.
Бендот „Визија“ постои неполни осум години, го сочинуваат Марко Џамбазоски, Марко Гапо, Лилјана Јанкова и Синиша Ѓорѓевиќ, а зад себе имаат настапи на звучни регионални фестивали како што се „Егзит“, „Заечарска гитаријада“, „Миксер“, „Јелен Демофест“, „Лејк фест“, „Таксират“, „Земјотрес“ итн.