Белорусија – во следната епизода
Лукашенко знае како да го зачува суверенитетот на Белорусија и со тоа да ја задржи сопствената власт. Но, во овој момент, суверенитетот е луксуз што можеби веќе не може да си го дозволи
Џорџ Фридман
Засилени се протестите против белорускиот претседател Александар Лукашенко. На прв поглед, се чини малку веројатно дека неговата власт ќе преживее. Ако демонстрантите се посветени колку што изгледаат, тогаш Лукашенко го исцрпи маневарскиот простор. Единствено решение за интензивен и долгорочен отпор е користење на вооружени сили за пукање кон толпата. Бидејќи протестите траат со недели и тоа не се случи, демонстрантите веруваат дека и нема да се случи.
Затоа, единствениот начин Лукашенко да остане на власт е да ги смени правилата на игра. Неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот во Сочи беше обид да се стори токму тоа и, меѓу другото, да му се дозволи на Путин да ја смени својата игра.
Лукашенко знае како да го зачува суверенитетот на Белорусија и со тоа да ја задржи сопствената власт. Но, во овој момент, суверенитетот е луксуз што можеби веќе не може да си го дозволи. Со оглед на ограничувањата на белоруските сили за сузбивање на демонстрациите, последната шанса на Лукашенко да преживее е да тргува со суверенитетот против реалната, но ограничена моќ, со доверување на некој друг да ги смири немирите. А најочигледен потенцијален партнер е Путин.
Главниот интерес на Путин е да ја интегрира Белорусија во руската сфера на влијание. За Русија, Белорусија не е само одбранбено богатство, која би била тампон зона и стратешка длабочина против инвазијата на Западот. Кога е во руски раце и руските сили се во неа, тоа претставува напаѓачка закана за Полска и Балтикот, а долгорочно и за Словачка.
Путин не планира да започне војна на Запад. Шансите тој да изгуби таква војна се премногу големи за да ризикува, а исходот од загубата би бил непредвидлив. Само потенцијална војна би му дала на Путин политичка предност во Русија и лост преку кој може да ги принуди европските земји да ја променат својата политика за да ги задоволат руските потреби. Белорусија ќе ѝ даде на Русија можности, а стратешките опции, во пракса, се помали отколку што може да изгледаат теоретски.
Путин одамна се обидува да доминира во Белорусија, но Лукашенко го блокираше. Путин немаше што да му понуди на Лукашенко, а целосна воена окупација, иако тоа би било нешто во што Русите можеа да успеат, ќе го воскресне НАТО како ефективна борбена сила и ќе ја принуди Германија да се повлече од зајакнатите врски со Русија. Последните две работи имаат приоритет пред Белорусија, затоа Русија гризеше, но не можеше да дејствува.
Изборите во Белорусија и реакцијата на јавноста му дозволуваат на Путин да дејствува. Наместо непријателска инвазија, тој ќе притисне со барање на легитимно избраниот претседател на Белорусија за стабилизирање на земјата од витален интерес за Русија, во време кога западните агитатори раѓаат криза во Белорусија. Путин не треба да употребува сила; самото присуство на руски сили би им сигнализирало на белоруските демонстранти дека ризиците се зголемуваат. Разговорите во Сочи помогнаа да се постават чекори во таа насока: Лукашенко предложи идните воени вежби во Белорусија, без оглед на големината и обемот, да ја вклучат Русија, а Путин објави дека Москва ќе ѝ даде на Белорусија државен заем од 1,5 милијарди долари.
Иако е нејасно дали труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беше наменето како сигнал до Белорусија за тоа што може да се случи, таквиот потег кон Белорусија сигурно би бил сигнал и за противниците на Путин во Русија.
Исто така е нејасно колку се силни демонстрантите. Не знаеме дали тие би прибегнале кон вооружен отпор или соседите како Полска би им помогнале. Проценката на распределбата на власта меѓу демонстрантите и владите е една од најтешките делови на геополитиката, бидејќи не станува збор за геополитичко прашање. Пред многу години, ги потценив демонстрациите во Иран и не успеав да сфатам дека голем дел од иранската армија стои зад нив. Исто така, мислев дека народот во Венецуела ќе го урне Николас Мадуро. Да се процени страста на толпата и воздржаноста на полицијата и војската не е лесно. А, значајна е тенденцијата на политичарите и експертите да донесат погрешен заклучок.
Тоа е нешто што Лукашенко и Путин мора да го земат предвид. Нападите врз маса луѓе подготвени да се соочат со куршуми би биле поразителни и за едниот и за другиот – за Лукашенко затоа што ќе ја изгуби целосната контрола над овој народ, и за Путин затоа што ќе ја изгуби поддршката на Европа што му е очајно потребна.
Сепак, народот честопати ги поразува силите што и без тоа се распаѓаат. Така, Лукашенко ќе му даде дарежлива понуда на Путин. Путин, кој ќе добие многу, со нетрпение го очекува тоа, но ќе биде повнимателниот од двајцата. Тој ќе сака да ја преземе контролата над Белорусија без да изгледа дека го нарушил нејзиниот суверенитет. Како ќе се случи тоа, веројатно е разјаснето во разговорот во четири очи.
(Џорџ Фридман е познат аналитичар за меѓународни стратегии и геополитички предвидувач. Текстот е објавен во „Геополитикал фјучрс“)