Белгија ретерира во противењето на планот за користење на замрзнатите руски средства

Белгија би може да го поддржи Планот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. „заем за репарации“ на Украина, доколку се разрешат правните и финансиските прашања, порача синоќа белгискиот премиер Барт де Вевер.
– Ако можеме да најдеме одговори за секое прашање и ако ризиците можат да бидат менаџирани, секако дека можеме да продолжиме понатаму, изјави Де Вевер.
Тој нагласи дека пред да се продолжи понатаму би сакал да знае „кој ќе се качи со него на бродот“.
– Јас сум веќе на бродот. За мене нема бегање, рече Де Вевер, кој првично жестоко се спротивстави на заемот, изјавувајќи дека такво нешто „никогаш нема да се случи“.
Белгија изразува резерви кон планот сомневајќи се во неговата легалност и стравувајќи дека користењето на руските средства би можеле да го нарушат нејзиниот меѓународен банкарски кредибилитет околу сигурноста на заштедите, имајќи предвид дека најголем дел од 200-те милијарди евра замрзнати резерви на Централната банка на Русија се депонирани во клириншката куќа „Евроклир“ со седиште во Брисел.
Според истражувачката служба на Европскиот парламент, речиси 170 милијарди од замрзнатите
руски средства се депонирани во Белгија, околу 19 милијарди евра во Франција и 10 милијарди евра во Луксембург.
Со планот за „заемот за репарации“ се предвидува од замрзнатите руски средства на Украина да и се исплатат околу 140 милијарди евра за зајакнување на нејзината одбрана, кои земјата би ги вратила дури откако по завршување на војната Москва ќе и исплати репарации за предизвиканите штети во текот на конфликтот. Според идејата на ЕК, доколку Русија одбие да плати репарации, Украина би била ослободена од враќање на кредитот.
Во однос на белгиската загриженост портпаролот на Еврокомисијата, Балаж Ујвари вчера изјави дека при реализацијата на овој план ќе важи принципот на споделување на ризикот.
– Никој не очекува Белгија сама да го преземе целиот ризик. Го разгледуваме принципот на колективно споделување на ризикот и тоа останува главниот принцип во оваа иницијатива, истакна Ујвари.
Дополнително вчера и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека е пронајден „правно издржан начин“ за користење на замрзнатите руски средства за исплата на заем за Украина.
Де Вевер даде забелешки и на терминологијата со која се објаснува употребата на руските средства за исплата на заемот. Имено, Европската комисија инсистира дека на станува збор за „конфискација“ на средствата и дека никој нема го оспорува сопственичкото право на Русија врз нив, туку само дека станува збор за нивно „користење“.
– Како ова не е конфискација. Ако ги земам вашите пари и ги искористам, мислам дека ќе кажете дека тоа е конфискација, изјави Де Вевер.
По обелоденувањето на планот за „заемот за репарации“, Де Вевер изрази жестоко противење на ваквата идеја, оценувајќи дека со неа ЕК ќе му ги „земе парите“ на рускиот претседател Владимир Путин, а „ризиците ќе и ги остави на Белгија“.
– Тоа нема да се случи. Дозволете ми да бидам многу јасен во врска со тоа, изјави Де Вевер минатата недела во Њујорк на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН.
Според него, ако депонирани пари на една централната банка „можат да исчезнат“ и ако европските политичари сметаат дека тоа е прифатливо, многу земји би можеле да одлучат да ги повлечат своите резерви од Еврозоната.
Сепак, неколку дена подоцна Де Вевер го ублажи својот став изјавувајќи Белгија не го отфрла категорично планот на Комисијата, туку само „сака да види значително повеќе детали пред евентуално да се согласи“ со него.
– Секогаш ги разгледуваме предлозите на Комисијата на конструктивен и внимателен начин, рече Де Вевер.