Бектеши најави поголема поддршка за бизнисите и инвестиции во енергетиката


Министерот за економија Крешник Бектеши, кој и во следниот мандат ќе ја извршува истата функција, денеска најави засилена поддршка за домашниот бизнис и странските инвеститори, мерки за поттикнување на инвестициите во енергетиката, туризмот и заштита на животната средина.

– Новиот мандат и можноста уште четири години да го водам ова Министерство ми дава уште поголем оптимизам за да направиме уште подобро и уште повеќе. Од денеска започнуваме да работиме на трансформација на економијата за забрзан раст и поголем стандард. Главниот фокус, не само на Министерството за економија, туку и на Владата, во наредниот период ќе биде обезбедување на можности за развој, создавање на нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните. Како Министерство за економија и како наша надлежност ќе продолжиме со засилено темпо да ги поддржуваме домашните компании и странски инвестиции, да работиме на поттикнување на инвестиции во енергетиката, во туризмот, во занаетчиството, истакна Бектеши во изјавата дадена по повод новиот мандат.

Во обраќањето, Бектеши се осврна на реализираните активности во изминатиот тригодишен период, притоа посочувајќи дека се направени суштински измени за подобрување на бизнис климата и на квалитетот на живот на граѓаните.

– Со темелните реформи кои ги направивме во изминатите три години, но и во изминатиот период на здравствена и економска криза во време на техничка влада, со мерките кои ги донесовме, се боревме да го задржиме секое работно место и да обезбедиме подобри услови за живот на сите граѓани, рече Бектеши.

Во рамки на реализираните проекти ги посочи донесувањето на Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност, Стратегијата за енергетика 2020-2040, Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Законот за стратешки инвестиции, Законот за моторни возила……

Нагласи дека за две години потпишани се договори за финансиска поддршка со 270 компании со вкупни инвестиции според бизнис план од 420 милиони евра, а почнат е и нов циклус во делот на обновливите извори на енергија и потпишани се договори за изградба на 11 фотоволтачични централи со вкупна моќ од 35 мегавати на државно земјиште и договори за изградба на 23 фотоволтаични централи со вкупна моќност од 21 мегавати на приватно земјиште.

– Преку програмите за енергетска ефикасност за три години – субвенциониравме 2.365 домаќинства  со вкупно 22 милиони денари за купени и вградени сончеви колектори, субвенциониравме 3.853 домаќинства со вкупно 105,7 милиони денари за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци, субвенциониравме 2.028 домаќинства со вкупно 62 милиони денари за купување на печки на пелети, рече Бектеши.

Преку Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации (KИП) за три години поддржани се 586 мали и средни и претпријатија и 63 здруженија и фондации во вкупна вредност од 115,6 милиони денари, а 222 вработени во 131 компанија поминале технолошки обуки. Поддржани се 36 кластери и 25 компании за развој и имплеметнација на индустриски политики.

Во делот на мерките кои беа донесени за надминување на последиците од здравствено-економската криза, Бектеши информираше дека досега се искористени над 25 илјади ваучери за туризам од вкупно над 100.000 кои се доделени, а на јавниот повик за финансиска поддршка за поддршка на конкурентноста во пост –ковид период аплицирале над 800 компании кои до крајот на септември ќе добијат поддршка од државата.