Бегството на Љупчо Палевски заврши во турскиот град Баликесир, полицијата го уапси на улица

Регионален лов по главниот осомничен за страшните злосторства. Оперативен извор на македонската полиција го лоцирал во Баликесир и ги дознал намерите на Палевски


Фотографија од турската полиција од уапсениот Љупчо Палевски

 

Помалу од една недела можеше да се крие Љупчо Палевски – Палчо во три балкански држави, плус Македонија, додека конечно не беше уапсен од турската полиција денеска попладнево. Сега тој е во екстрадициски притвор и го чека завршувањето на постапката пред да биде испорачан во нашава земја за да се комплетира доказната постапка во едно од најсвирепите злоторства кои ги памети Македонија – грабнувањето и ликвидацијата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва на итно свикана прес-конференција ги обелодени деталите за апсењето на Палевски (веста за тоа кусо време пред троа проструи низ медиумите), но соопшти и други моменти од истрагата. Спасовски ги повтори податоците што претходно се знаеја во текот на денот за патувањето на палевски до белград и оттаму во Бугарија и Турција, но прецизно ја претстави целата слика.

Вака одело бегството и фаќањето на Љупчо Палевски: 

„Од Скопје со автомобил ‘шкода суперб’ бил однесен од неговиот адвокат во Белград и таму оставен во хотел на 30 ноември. Оттаму утредента го презема друго лице од Скопје со џип ‘ренџ ровер’ и преку преминот Градина двајцата влегуваат од Србија во Бугарија, а потоа преку преминот Капитан Андреево од Бугарија во Турција“, рече Спасовски.

Но Палевски не заминал за Истанбул, туку тие се упатиле во Баликесир (град од 300 илјади жители) кој е малку во внатрешноста во Турција и е поблиску до Измир отколку до Истанбул. Македонската полиција преку оперативни сознанија речиси цело време му била на трагата и кога се сместил во Баликесир бил информиран тамошниот „оперативниот извор“ на македонските полициски служби кој за многу кусо врме ги доставил податоците каде се наоѓа Палевски и какви се неговите намери. 

Тој се подготвувал за патување кон Истанбул, кој е далеку околу 300 километри и се обидел да ја скрие трагата чувствувајќи дека полицијата му е зад петиците.

„Осомничениот (Спасовски избегнуваше да го спомене по име, освен во една прилика) останал во Баликесир и потоа со такси заминал за Истанбул и веднаш се вратил назад да ја скрие трагата. Денеска попладне тој е уапсен на улица во Баликесир од страна на турската полиција додека одел пешки“, рече министерот.

Тој прикажа и фотографии направени од турската полиција од притворениот Палевски за јавноста да нема никакво сомнение. Спасовски искажа огромна благодарност до полициите на Србија, Бугарија и Турција за соработката и кон нивните министри за внатрешни работи и нагласи дека хрватската полиција самоинцијативно направила проверки на нејзината територија во потрага по Палевски. 

Потрагата по Палевски се претвори во регионален лов на осомничениот злосторник по убиствата што го растревожија и фрлија во тага целиот Балкан. Вчера попладне беше распишана „црвената“ потерница на Интерпол и за само еден ден Љупчо Палевски беше уапсен. Засега е нејасно зошто Палевски го одбрал токму Баликесир, а не некој од поголемите градови во Турција. Тие детали можеби ќе се дознаат кога тој ќе биде испорачан во Македонија. Министерството за правда по итна постапка го прави барањето за екстрадикција, а Спасовски се надева дека тоа ќе се случи за брзо време.

Баликесир, градот каде што е уапсен Љупчо Палевски

Спасовски информираше и дека човекот што со џипот го пренесол Палевски од Белград во Турција бил приведен на граничниот премин Дојран при влегувањето во земјава, дека му е одреден 48-часовен притвор и дека траат неговите испитувања. 

Министерот уште информираше дека била изготвена кривичната пријава на 100 страници. Во неа се опфатени пет лица – едно за грабнување со убиство, три лица за грабнување и соизвршителство при убиство и едно лице за помош при грабнување. 

„Ние ја завршивме нашата работа. Од сега натаму преметот е во јавното обвинителство“, рече Спасовски и додаде: „Правдата е совест, не лична, туку совест на целото човештво и ако сакаме мир во душите правдата мора да биде брза и до крај спроведена“.

Тој изјави дека точната причина за смртта на Вања Ѓорчевска ќе ја покаже обдукција, но посредно отфрлувајќи ги шпекулациите дека таа наводно се задушила, Спасовски рече дека се работи за прострелна рана. Министерот изјави и дека е пронајден нејзиниот мобилен телефон, а и дека се најдени два пиштоли во Скопје кои се вештачат за да се открие дали со некој од нив биле извршени убиствата. (Н.В.)