БЕГ возврати на поплаките: Мора да штедиме


Откако скопјани почнаа да се жалат на  млаки радијатори несоодветни за овој период од годината, се огласија од БЕГ со порака дека греење мора да се штеди бидејќи цената на гасот е превисока. 

„Во врска со зачестените информации во медиумите во однос на квалитетот на централното греење, сакаме да истакнеме дека системот за централно греење со кој управува БЕГ е целосно во функција и испораката на топлинска енергија до потрошувачите е согласно Правилата за снабдување на топлинска енергија. Внатрешната температура кај потрошувачите се одржува на ниво од 20+оC и не се дозволува истата да падне под 20оC“, велат од компанијата во своето соопштение до јавноста.

Тие нагласуваат дека во периодот од 6-ти до 9-ти јануари  во диспечерскиот центар на БЕГ  регистрирани се рекламации на потрошувачи од 204 објекти, од вкупно 2.700 објекти кои се приклучени на системот за централно греење со кој управува БЕГ. Во 39 објекти се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и истите се веднаш отстранети. Во останатите објекти од кои е рекламирано, извршено е мерење на внатрешната температура и констатирано е дека сите објекти имаат внатрешна температура еднаква или повисока од 20оC, односно испораката на топлина е во согласност со Правилата за снабдување. Само во еден објект измерена е внатрешна температура од 19,5 оC и во истиот е покачено нивото на испорака со цел да се постигнат пропишаните 20 оC.

„Ваквиот режим на испорака на топлинска енергија е оптимизиран, односно во споредба со претходниот период редуцирани се внатрешните температури на објектите кои претходно на барање на потрошувачите имаа повисоки температури од пропишаните. Во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува приодниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата. Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколкудневна испорака. Оттука произлезе неопходноста да се оптимизира режимот на испорака на топлинска енергија без притоа да се нарушат пропишаните критериуми, се со цел да се овозможи неопходното време надлежните институции да спроведат мерки за надминување на оваа енергетска криза, преку обезбедување на финансиски средства за набавка на природен гас и субвенционирање на домаќинствата приклучени на системот за централно греење. Дополнително во услови на енергетска криза апелираме сите да ја штедиме енергијата и да не се троши повеќе од пропишаното согласно европските стандарди и домашната регулатива“, се вели во соопштението од БЕГ.