Бебе починало во стомакот на родилка во битолската гинекологија?


Болницата во Битола

 

БИТОЛА – Бебе вчера наводно починало во стомакот на родилка од Битола откако ѝ била дадена таблета да го испровоцира породувањето, ама родилката била пратена дома од лекарот гинеколог кој бил дента на смена. Кога родилката се вратила ноќта на болница да раѓа веќе било доцна, дежурните лекари виделе дека бебето страда, по бојата и исцедокот на водењакот, се обиделе да ја породат родилката и да го реанимираат бебето, но му немало спас, дознава „Независен“ од болнички извори. 

Директорот на битолската клиничка болница д-р Александар Обедниковски, во порака го потврдува случајот за „Независен“ , но не дава детали, туку само кажа дека денеска во 14 часот министерот за здравство Фатмир Меџити доаѓа во посета на болницата.

Меџити беше во болницата и потоа изјави дека бебето било родено живо, ама со тахикардија, но починало.

„Денеска сме тука за да видиме како бил случајот. Утре од Државен здравствен и санитарен инспекторат ќе испратиме комисија, односно инспектори за да утврдат што било причината за смртта. Според првичниот извештај, бебето било живо родено, со тахикардија, имало белодробрно-срцево оживување, понатаму сѐ ќе кажеме кога ќе имаме дефинитивни резултати од институциите“, изјави Меџити.

Toj разговарал со родилката и ветил дека ако има лекарска грешка ќе има и одговорност. „Длабоко сочувство за младата родилка и изгубеното бебе. Ако има пропуст ќе има и одговорност. Службите ќе откријат и ќе излеземе со конечен извештај“, рече Меџити. 

Од Битолското обвинителство за „Независен“ го потврдуваат случајот и велат „во тек е обдукција да се утврдат причините за смртта. Чекаме известување, па во зависност од наодот ќе знаеме дали предметот ќе се префрли кај нас“.

Утрово лекарите од Гинекологија биле на состанок со директорот, кој пак им предочил дека ситуација е особено чувствителна, дотолку повеќе  по смртта на малата Јана Христовска (6), која пред речиси 20 дена почина на Детското одделение откако прими инфузија и по смртта на 12-годишно момче од битолското село Лера. (А.Б.)

Забелешка: Веста е дополнета со изјавата на министерот за здравство