Баздникин тврди манекенка глумела нападната трудница, твитерџиите прашуваат- а тоа црвеното да не е кечап?
Руските дипломати низ цел свет тврдат дека нападот на болницата е лажен и е „холивудско сценарио“. Додека во Македонија амбасадорот доби поддршка, во Обединетото Кралство го распнаа барајќи да се затворат профилите на руските амбасади на социјалните мрежи
Рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин,кој вчера тврдеше дека сите видеа кои покажуваат разурнати станбени и цивилни објекти се лажни и дека Русија не напаѓа цивилни цели, денес продолжи со ново фантастично тврдење – дека болницата во Мариупол била таргетирана, но во неа имало војници од Азов батаљонот а не трудници, така што тие што се појавуваат на фотографиите на Асошиетед прес и на видеата – се една иста манекенка која глуми нападната, па и се преоблекува и ја менува шминката, за да одглуми две трудници.
-И покрај тоа што информацијата за ударот се појави вчера на пладне (на бројни видеа и фотографии не беше видлив ниту еден пациент), снимките од трудници се појавија во информативниот простор многу подоцна, вечерта. Сепак, нив веднаш ги објавија сите новински агенции и страници на социјални мрежи, почнаа да се шират во разни популарни заедници и меѓу блогерите, што можеби е резултат на планирана кампања. И тоа и покрај тоа што самите мештани тврдат дека во породилиштето немало ниту родилки ниту персонал.

Приказната покренува многу прашања: логично е да се претпостави дека ако навистина имало родилки, службениците на спасувачката служба и очевидците кои први пристигнале на местото на настанот веднаш би направиле фотографија за итни случаи на своите телефони, без да чекаат некој познат репортажен фотограф. Меѓутоа, се случило познатиот украински пропагандист Јевгениј Малолетка да е прв кој ќе ги направи и објави фотографиите. Откако ја започна својата кариера во УНИАН (украинска новинска агенција), тој сега соработува со медиумски играчи кои со години водат антируска кампања, како што се Guardian, Тimes, NYT. Дури и личниот фотограф на Барак Обама го следи на социјалните мрежи, а во 2015 година Малолетка дури завршил стажирање на престижната програма Eddie Adams Workshop во Њујорк. Интересно е што овој фотограф зборува за „руските воени злосторства“ од 2014 година.

Денеска добивме неспорна потврда за производство на „снимки со трудници“, за кои се одговорни украинските пропагандисти и нивните полски медиумски инструктори, за кои пишувавме претходно. Украинците за најгласни кадри (вкупно ги има три) ја искористија манекенката Маријана од Мариупол. Таа глуми две различни трудници одеднаш: мораше дури и да се пресоблече и да се прешминка, што, сепак, не е изненадувачки: всушност, Маријана е добро позната бјути блогерка во регионот. Сакаме да забележиме дека девојката е навистина бремена, но едноставно не можела да биде во породилиште: институцијата неколку дена ја користат милитантите од баталјонот “Азов” како утврден објект кој не функционира како медицинска установа“, стои во објавата на амбасадорот Сергеј Баздникин.
И, додека тој доби поддршка од македонски граѓани на Фејсбук за ваквите тврдења, рускиот амбасадор во Обединетото Кралство, кој исто така добил задача да го објави истиот текст, беше распнат од јавноста. Еве дел од реакциите:
„Срамота. Имав повеќе почит за руските дипломати. Потврдувате дека била трудна, дека била во болницата што сте ја разнеле, а таа е болница за родилки, ама глумела…“

„Многу чудно. Сите што се во војна со Русија сами си ги бомбардираат болниците“
„Не мора да водите пропаганда за таргетирање на породилно. Сигурен сум дека вака не сте ја замислиле вашата кариера во дипломатската служба. Можете да откажете во секој момент“.
„Срамни лаги! Инстаграм профилот на Мариана Подгурскаја покажува – (А) дека таа е од Мариупол и (Б) нејзиниот сопруг објавил фотографија во јануари каде што е видливо бремена“.

„Ало Твитер? Забранете ги профилите поврзани со руската влада. Тие шират омраза, не ги почитуваат мртвите и ја поддржуваат војната и убивање луѓе. Зошто руската амбасада во Лондон сè уште има профил на Твитер?“
„Сериозно прашање: Дали навистина верувате во овие работи или едноставно сте платени/принудени да ги објавувате“?

„Да, тоа се тие, Русите. Се држат до она што го кауваат. За нив ова е „специјална операција“ така што Русија никогаш не ја нападна Украина“.
„А, што е со крвавиот душек? Дали некој истурил шише кечап?“
