Барса не може да продава дресови од Левандовски поради бизарна причина


Навивачите на Барселона навалија по дресовите од Роберт Левандовски до таа мера што клупскиот фан-шоп повеќе не може да ги продава поради бизарна причина – немаат повеќе буква W.

Голгетерот Роберт Левандовски после 8 години во Баерн се пресели во Каталонија каде синоќа стави потпис на 4-годишен договор, а баварскиот клуб доби отштета од 45 милиони евра која може да достигне до 50 доколку се остварат некои бројки.

Навивачите на Барселона толку навалија по дресовите со името на послкиот голгетер, што во официјалниот клупски фан-шоп со соочија со непланиран проблем. Имено, презимето на Полјакот во оригинална верзија е Lewandowski, а во фан-шопот поради големата побарувачка останале без буквата W, која двапати ја има во неговото презиме, па поради таа причина мораа да ја сопрат продажбата на дресови од Левандовски.

Очигледно се работи за превид и лоша организација во клубот бидејќи очигледно беше дека ќе има навала за дресови од Полјакот. Вработените во клупскиот фан-шоп требало да ја предвидат зголемената побарувачка и да ги проверат залихите на сите букви кои ги имаат на располагање. Вака, пати клупскиот профит од продажба на дресови.

Дресовите во официјалните фан-шопови се достапни без име и бројка, а по барање и желба на купувачот се штампаат на лице место и тоа со лепење на букви и бројки под преса.