ДСУ Спортска академија објави повик за проверка на спортски вештини за ученици кои сакаат да се запишат во 2024/2025


Државното средно училиште Спортска академија – Скопје го објави јавниот повик за потрага по спортски таленти односно термини и локации за проверување на способностите за спортски вештини на учениците кои се заинтересирани да се запишат во прва година во учебната 2024/2025 година. 

Покрај во Скопје, предвидени се и паралелки во состав на јавните средни училишта во десет општини низ државава. Паралелки за фудбал ќе има во „Ванчо Питошески“- Охрид, „Мирче Ацев” – Прилеп, „Никола Карев” – Струмица, „Кирил Пејчиновиќ“– Тетово, „Кочо Рацин” – Велес, „Гостивар” – Гостивар и „Коле Нехтенин” – Штип.

Во средното училиште „Кузман Шапкарев” во Битола ќе има паралелки за фудбал и ракомет, а паралелки за кошарка во „Перо Наков”  – Куманово и „Ѓорче Петров” – Кавадарци. 

Кандидатите за упис во прва година во средното училиште Спортска академија ќе бидат селектирани од стручна комисија. Селекцијата ќе се одвива во фази – скаутирање од стручни лица, селекција од стручен тим и тестирање на психофизичките способности од страна на стручната комисија.

 На учениците кои ќе бидат примени, а кои не се од регионот каде што ќе ја посетуваат наставата, ќе им биде обезбедено сместување и храна, а превозот до училиштето и до спортските терени ќе биде обезбеден за сите ученици, во согласност со закон.

 Во  повикот објавен на веб-страницата на МОН се наведени информации за локациите и датумите за првичната селекција од конкретната Спортска федерација.

-Целта на ДСУ „Спортска академија“ – Скопје е учениците – спортски таленти да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис. Учениците ќе бидат подложени на посебна, специјално за оваа намена креирана програма за образование и тренинг. За работа со учениците ќе бидат ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик и физиотерапевт, наведува во јавниот повик.