Барањата за екстрадиција на Блерим Рамадани и на двајца осуденици во „Монструм“ продолжуваат на ниво на министри за правда


Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, како и барањето на нашето Министерство за правда за екстрадиција од Косово на двајца осуденици во случајот „Монструм“, била една од темите на кои денеска премиерот Христијан Мицкоски разговарал со својот косовски колега Албин Курти. Договорено е  разговорите да продолжат на ниво на министри за правда, со порака дека одлуките ќе се носат според законите на Косово и на Македонија и според добрососедските односи што сакаме да ги развиваме меѓу дбвете земји, без да се прецизира што значи тоа. 

„Дискутиравме за двете прашања, нашите министри за правда ќе бидат во постојан и директен контакт, сè ќе биде во правец на општата вредност која е заснована на уставот и законите, постапките и институционалните процедури во двете земји, но исто така и во рамките на добрососедските односи кои ние сакаме да ги негуваме. Случајот за двајцата бегалци исто така е покренат во Косово, како предмет сега е покренато во Специјалното јавно обвинителство на нашата држава, исто така и за лицето кое се наоѓа во домашен притвор, со барањето за екстрадиција и овој случај е разгледан. Се надевам дека двата случаи што побрзо ќе бидат затворени, со цел и законите да бидат спроведени, но и нашите добрососедски односи да бидат запазени и да се негуваат“, кажа Курти.

Премиерот Мицкоски потврди дека дискусиите ќе продолжат на ниво на министри. Тој посочи дека добрососедските односи треба да одат само во позитивен правец.

„Горе-долу премиерот Курти даде одговор на ова прашање. Би било бесмислено јас да ги повторувам истите зборови, но еве, во интерес на транспарентноста, ќе повторам дека министрите за правда ќе продолжат да соработуваат не само за овој случај, и за случајот ‘Монструм’. Исто така,  очекуваме добрососедските, билатералните односи да одат во позитивен правец, а не да уназадуваме. Напротив, оваа средба е порака дека сакаме да ги зголемуваме и да ги подобруваме односите меѓу двете влади“, кажа тој.

На поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, на барање на Обвинителството за организиран криминал прво му беше одреден екстрадициски притвор од 30 дена. Тој беше приведен на 17 јули 2024 година на преминот меѓу Косово и Македонија и веднаш беше префрлен во затворот Шутка во Скопје. Пред два дена тој е пуштен во домашен притвор во Скопје каде ќе остане до 16 август.

Во однос на двајцата осудени на доживотен затвор во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се товарат за кривичното дело тероризам, министерот за правда Игор Филков минатата недела кажа дека потпишал ново барање за екстрадиција и дека чека одговор. Тој оцени дека косовските власти немаат причина да не ги спроведат екстрадициите.